Интервју Сара Мејс: Пердувот ја следи секоја промена на мојот стил

Интервју со •
25 ноември 2013

 Таа е мултиталентиран млад уметник чија генијална изведба и енергијата која ја носи на сцена и гарантираат далечни хоризонти во професионалната реализација. Сара Костадиновска или попрепознатлива по уметничкиот потпис, Сара Мејс е дипломирана харфистка со неверојатно квалитетен вокал.  Ја запознавме пред неколку години како една половина од дуото „Цимерките“ кои внесоа нов бран свежина во домашниот етер, а последен пат имавме можност да ја видиме на Скопски фестивал каде со изведбата на „Врне,врне“  чиј комплетен автор е самата, беше невозможно, а да не ја забележиме.

Имавме можност да уживаме во Вашиот настап на овогодинешниов Скопски фестивал. И публиката и критиката не останаа рамнодушни и го споделуваат мислењето дека бевте магична на сцена со комплетната своја појава интерпретирајќи ја песната „Врне, врне“. Како лично го доживеавте фесивалот и себе си на сцена?

Јас лично сум задоволна. Најважно ми беше да ја донесам песната на сцена како што треба  и мислам дека тоа беше постигнато, што осебено се потврдува со реакцијата на публиката, поради што ми е навистина мило. Мислам дека мојот настап беше доста продуктивен. И општо комплетниот впечаток е дека оваа година имаше навистина квалитетен избор на песни.

Со својот автентичен изглед бевте една од највпечатливите на фестивалот. Со кој соработувавте за Вашиот стајлинг?

Сметам дека за комплетното доживување на едно музичко дело, големо влијание има и костимографијата за целосно да се долови сликата пред публиката. На мое големо задоволство, за мојот стајлинг на Скопски фестивал имав можност да соработувам со познатиот македонски моден бренд Елена Лука. Креацијата која ја направи Елена Лука за мене, беше најпрецизната визуелна претстава за песната. Беше многу важно со соодветната костимографија да се дораскажува „Врне, врне“. Таа весела комбинација на бои кои ги имав на себе и даде една одлична нијанса на песната. Имавме комплетен пакет: вистинското нешто на вистинското место во вистинското време.Од соработката сум презадоволна поради тоа што тимот кој го води Елена Лука се покажа како целосно професионален. Дури и ми помогнаа со докомплетирањето на штиклите кои бараа да бидат со мал контраст во однос на костимот, што драгите луѓе од Елена Лука дополнително ги средија. Јас единствено дадов сугестија во однос на она што е мој заштитен знак, а тоа е пердувчето на левото уво. Секако тоа беше испочитувано, и јас имав многу интересен детаљ кој му даде еден краен печат на мојот изглед. За да ја испратиш енергијата која ја добиваш преку песната треба да се чувствуваш комплетен, за што Елена Лука во голем дел ми помогна. За шминката сум му многу благодарна на Небојша Пешевски, а за фризурата на студиото Алур.

Сара ја запознавме како една половина од дуото „Цимерките“. Што се случуваше во периодот помеѓу Цимерките и Скопски фестивал?

Во тој период помеѓу работев на неколку проекти. Се случија моите две песни „Убав сон“, нумера која е посветена на Тоше и за која направивме и видео запис и „За кретените“. Исто така имав соработка со српскиот бенд Error404 со кои направивме две песни на англиски јазик. Исто така дипломирав на отсекот харфа на Музичката академија во Софија, Бугарија, а втората специјалност ми е поп и џез пеење, за кое и се запишав на постдипломски студии исто така во Софија. Се уште соработувам со Ива, другата половина од дуото. И таа беше заедно со мене на Скопски фестивал, и  ми помогна околу музиката за песната „Врне,врне“.

 

Бевте дел и од роденденското коцертно шоу на Игор Џамбазов. Како дојде до таа соработка?

На мое огромно задоволство, Игор преку Горила продукција ме покани заедно со него да ја испеам песната „Па ра ра рам“ на неговиот роденденски концерт. Навистина ми беше многу драго што бев на сцена со еден таков човек кој е многу важен лик за македоснката уметност. Не само како шоумен, туку и како актер и како изведувач, писател чии книги ги имам прочитано од прва до последна. За млад уметник како мене таквата поддршка е од непроценливо значење.

Бидејќи подолг временски период имавте можност да живеете во Бугарија, може ли да направите една компарација помеѓу нивната и нашата музичка, но и модна сцена?

Прво што се забележува е тоа што во Бугарија има поголема разновидност на стилови и во однос на музиката и во однос на модата, постои поголем избор. И самата публика е поширока. Односно за секој музички стил има публика. Би сакала и кај нас да има слушатели и дигустатори со пошироки погледи. Со тоа, секој изведувач би имал публика пред која би ја презентирал својата музика. Не би сакала никого а навредам, но тоа што мене ми пречи на нашата музичка сцена е што луѓето се бараат, се прилаодуваат на музички правци. Еднаш свират поп-рок, па фанк, па се испробуваат со различни варијанти за да се прилагодат на комерцијалната сцена. Недостасува дефинираност во секој случај. Од друга страна во Бугарија не ми се допаѓа тоа што преовладува фолк музиката. Во тој поглед мислам дека кај нас, има побогата алтернативна сцена.

Што се однесува до модата, повторно Бугарите се подефинирани, без разлика дали е тоа во позитивна или негативна конотација, тие имаат точно одреден стил. Кај нас луѓето предолго експериментираат и самите не си дозволуваат да изградат некој препознатлив стил кој ќе им биде заштитен печат. Секако дека има исклучоци, но сепак недостига храброст да се биде свој и различен. Ќе земам пример од светски ранг, Дејвид Ковердел. Тој со децении и е пропознатлив на светската јавност и според музиката која ја третира и според неговиот имиџ, тој никогаш нема да биде панкер на пример или никогаш нема да биде „фенси“. Тој е рокер, живее во тој фазон и секогаш ќе биде така.

 

Вие сте впечатлив лик со навистина интересен личен стил. Како би го дефинирале својот имиџ и што е она најспецифично во однос на Вашиот визуелен изглед?

Прво би кажала дека не сум фан на кратки здолништа. Во спротивност на ова, во последно време обожавам да носам облека со висок струк. Искрено, не сум некој моден фанатик кој ги следи слепо модните трендови, туку повеќе целам кон тоа да си изградам препознатлив стил кој ќе ја одразува мојата личност, како мој идентитет. Како што созревам, го менувам и стилот и ми доаѓаат различни идеи во главата. Единствено нешто што останува и ме следи со времето е пердувчето на левото уво. Имам кратка коса и токму поради тоа пердувчето секогаш доаѓа до израз.

Со целата своја енергија која ја пренесувате преку музиката, Вие припаѓате на онаа група уметници кои заслужуваат да застанат на светската сцена. Кон што следно целите?

Се надевам дека постепено се градам во уметник од светски ранг. Своето место би го лоцирала онаму каде што ќе се создаде публика за мојата музика. Не знам колку стилот на музиката која ја изведувам е специфичен, но јас би се чувствувала најсигурно онаму каде што публиката ќе го разбере тоа што јас го содавам.

 

 

Објавено:
25 ноември 2013
bool(false)