Неверојатно креативна, новата рекламна кампања на Кензо ги освои симпатиите на мнозинството. Позитивна, колоритна и со генијално налудничава идеја, надреалистично да се претстави слободниот дух на океанот.
Токму таков е резултатот од повторната соработката на авангардните уметници кои стојат зад магазинот Toilet Paper, Маурицио Кателан и Пјерпаоло Ферари со Кензо за маркетиншката презентација на колекцијата пролет-лето 2014. Ништо невообичаено за етикетата, напротив еклектичниот израз, ексцентричната тема и надреалната претстава е продолжение на она што Кензо го прави изминативе сезони во комерцијалната слика за своите колекции.
Пролетните парчиња се во целосна симбиоза со основната тематика на кампањата: боите на океанот, принтови од морскиот свет и слобода во линијата на кострукцијата, a супермоделите Девон Аоки и Пол Бош се задолжени за нивното оживување пред објективот.