Дали некогаш сте размислувале за тоа како девојките од другите земји во светот се грижат за својата убавина? Карактеристиките на самата земја, климатските услови и уште многу други околности, кај девојките наметнуваат поинаков пристап кон грижата за убавината. Покрај ова, секако и воспитувањето и вредностите со кои растеле, играат голема улога.
Погледнете како жените од неколку земји ширум светот се грижат за својата убавина и инспирирајте се од некој нивен предлог!
Франција
Веќе знаеме дека тие се едни од најсредените девојки на светот и сето тоа едноставно многу лесно им оди од рака. Тие секогаш сакаат пред сѐ да изгледаат природно. Родени како вистински кокети, тие секогаш се обидуваат да ја избегнуваат впечатливата шминка и се фокусираат на пастелни тонови. За да употребат навистина јака шминка која вклучува црвен кармин и интензивно руменило, тие мора да имаат некој специјален повод. Според последните статистики од земјата, просечната Французинка во својата торбичка за шминка секогаш има: маскара, нежен кармин и суптилно руменило. Французинките се изрансати со совети од нивните мајки, за тоа како правилно да се грижат за себе си, а хидратантната крема е нешто што учат да го употребуваат од мали нозе. Декоративната козметика е помалку популарна во Франција во споредба со козметиката за негата на кожата и косата. Парфемите се нешто без што тие не можат и секогаш се трудат да купуваат оригинали.
Да не заборавиме! Нивниот омилен производ е маслиново масло за кожа!
Германија
Како што е познато, Германките се големи перфекционистки и секогаш сакаат сѐ да им биде „под конец“. Според многумина, тие не губат многу време на шминкање и дотерување. Тие пред сѐ, најмногу се грижат за здравјето на кожата, а во принцип кожата на голем број од девојките, им е многу чувствителна. Токму поради тоа, Германките најмногу пари трошат на хранливи креми и смирувачки маски. Тие често уживаат и во домашно приготвени производи за нега на кожата. Иако низ улиците многу често може да се сретнат девојки со „луди“ фризури и бои на косата, голем број од нив, одлично се грижат за својата коса, затоа слободно може да се каже и дека голем дел од својот буџет тие трошат за производи за коса. Покрај ваквите препарати, тие многу трошат и на козметика за сончање. Депилацијата не е меѓу нивните омилени процеси, бидејќи според нив е спротивна на природата. Германките вежбаат секојдневно, а многу често знаат и да уживаат во масажи.
Јапонија
Јапонските девојки може да се пофалат со совршено нежна кожа и одличен тен. За тоа заслуга има нивниот секојдневен ритуал од половина час за убавината на кожата на лицето. Тие секогаш за почеток користат производи што во себе содржат масло: крема, лосион или масло за чистење. Откако добро ќе го исчистат лицето, посветуваат внимание и на совршеното миење со соодветен сапун или некое друго средство. Тие задолжително користат и лосион за чистење на лицето, бидејќи го сметаат за многу вреден. Ритуалот го завршуваат со хидратантен серум и крем за негување на лицето. Сите производи Јапонките ги нанесуваат со кружни движења што дополнително го масираат лицето. Од шминка, преферираат сјај за усни и не сакаат да експериментираат со ноктите.
Латинска Америка
Латино Американките се големи гурманки! Тие се гордеат со својот изглед и не размислуваат многу за целулитот. Многу важно за нив е, да се заштитат од зраците на сонцето поради стареењето на кожата и дамките. Жените од Латинска Америка сакаат и редовно да си ја избелуваат кожата. Косата им е природна, густа и секогаш сјајна. Тие од мали учат како да се грижат за својата коса и дека она што е најважно е да ги остават природно да се исушат, без фен. По сушењето, задолжително ги негуваат со специјални хидратантни производи. Ретко користат гел или лак за коса.
Русија
Русинките се свесни за својата прочуена убавина. Тие целиот свој живот се трудат да ја одржуваат, иако сакаат да го тестираат секој нов производ што ќе се појави на козметичкиот пазар. Токму затоа, Русија е меѓу првите места во светот по продажба на декоративна козметика. Кожата на Русинките е наклонета кон воспаленија и црвенило и тие често подлегнуваат на јапоснките ритуали за чистење и нега на кожата на лицето. За разлика од Латино Американките, повеќето Русинки се со тенка и ретка коса. Слабиот начин на исхрана со недостаток на витамини се причината поради тоа. Тоа е можеби и резултат на студот што дополнително го ограничува пристапот на хранливите материи до коренот на косата, што за возврат ја слабее.