Интервју Сашко Коцев: Ново комично премотување на годината на „Златна Бубамара“

Интервју со •
18 февруари 2014

Во пресрет на најпопуларната и најочекувана, единствено преживеана манифестација од ваков тип во нашата земја,„Златна Бубамара на популарноста“ која по 17-ти пат оваа година ќе не насмее до солзи, решивме да ви сервираме еден прилично интересен разговор со човекот кој веќе девет години по ред ни приредува нов специјалитет од кујната токму на „Златна Бубамара на популарноста“. Тој го задоволува нашиот театарски апетит со извонредното портфолио на улоги како на сцена така и на филм, а за десерт не насладува со своите стенд ап настапи ширум Балканот. Најпопуларниот, миленикот на македонската публика, човекот кој е секогаш присутен во медиумскиот простор, единствениот и најдобар, Сашко Коцев.

 

 

Вака некако и Ранко Петровиќ го најави Сашко Коцев на минатогодишната Бубамара, а ние решивме да ги зачиниме нештата пред почетокот на спектаклот. Бубамара се „крчка“ веќе еден месец,  а Сашко вели дека луцидните напади и инвентивните идеи повторно ќе бидат фино спакувани во производ кој ќе биде вистински мелем и за очи и за уши.

„Не можам да откријам детали, но можам да ви кажам дека стандардно ќе биде премотување на она што се случило изминатата година. Сè што ќе ви падне на памет дека се случило ќе биде споменато, но низ мојата призма на гледање на нештата, со своја поента и одговор за причините што придонеле да се случи нешто“, таинствено вели актерот.

 

 

Прогнозите дека Бубамара конечно ќе ги напушти ѕидовите на Универзална беа вистинити, но временските услови во последен момент ја сменија насоката на дување на ветерот.

„Оваа година многу малку фалеше Бубамара да се одржи во Борис Трајковски, но поради икс причини одлучивме да не биде таму, затоа што  сè уште не се чувствуваме подготвени и сигурни дека  тоа е вистинската одлука. Тоа значи три пати повеќе гости, поголема организација и технички тим, десет пати повеќе публика, а и не бевме баш сигурни и дали концептот што го нуди Бубамара би соодветствувал во просторот на салата Борис Трајковски, а штом се мислиме значи дека нешто не е во ред и затоа одлучивме да не биде таму. Друг поголем простор од Универзална сала во моментов нема, а голема е и борбата за билети“, објасни Коцев.

 

 

Како домаќин на оваа манифестација Сашко вели дека првиот пат кога решил да го преземе водството во свои раце, тоа за него претставувало голем предизвик. Советите кој ги добил од Тони Михајловски многу му помогнале во одлучувањето.

„Првата година Бубамара ми беше предизвик и паметам кога му се јавив на Тони Михајловски со кој сме колеги. Тој ми рече дека ако промашам и не успеам соодветно да одговорам на предизвикот тоа ќе биде моја пропаст. Првите две-три години морам да кажам дека беше голем предизвик, а потоа ми стана вистинско задоволство. Едвај чекав да дојде 20-ти јануари или први февруари да почнеме да работиме, затоа што вие не знаете низ што сè поминуваме, низ какви кавги, низ какви циркуси во радио додека спремаме сценарио. Што сè се кажува и колку материјал фрламе. Можам да кажам дека е сладок напор, односно слатко напорно задоволство што јас го работам, еве веќе по деветти пат“, вели Сашко за fashionel.mk.

 

 

Театарот е негова прва љубов уште од детство. Прв пат на сцена се нашол во второ одделение, како дел од училишната програма за патронат, каде заедно со свој другар подготвуваат една интересна точка што присутните во салата ги остава без зборови и изненадени.

„И после нормално веќе немаше патронат без мене, во средно во сите патронати и претстави за што се правеа играв главни улоги, а во театар играв како младинец. Во професионалните претстави, актерите ми беа мошне наклонети, и сакам да изразам голема благодарност за поддршката, и професионалниот пристап на работата кој го осознав на даските што живот значат во Кумановски театар, ни кажа Сашко.

 

Театарот, актерството и сцената придонесоа Коцев да создаде свои параметри на однесување и профил на нештата што тој ќе ги почитува во иднина.

„Со работата како стануваш сè поуспешен и како сè повеќе се цениш себе си, различно почнуваш да реагираш на другите работи, на пример кога си обесправен или кога нешто не е за тебе, тоа доаѓа со самодовербата, а неа не можеш да ја направиш вештачка. Значи, еве сега ќе излезам на сцена ќе бидам самоуверен и сите ќе треба да бидат на колена пред мене, но не, тоа се прави со текот на годините и со успешни дела. Делата кажуваат за човекот, а јас имам уште многу проекти за заокружување, а можам тоа да го направам само со успешни претстави, стенд ап настапи и филмови“, ни кажа стенд ап комичарот.

 

 

Сцената и работните задачи што му ги наметува не само професијата туку и надворешните ангажмани се прилично исцрпувачки не само во поглед на физичката, туку и психичката подготвеност.

„Пред некој ден отидов после претстава во радио и доживеав колапс, температура. Не беше вирусно, почнав бавно да трепкам не можев да зборам, веднаш легнав и 24 часа одмарав. Откажав се, сите проби, претстави и радио, ама буквално сè. Јас мислев дека нема да ја истуркам Бубамара, затоа што во исто време подготвувам куп други работи. Така што не знам, јас сум во добра кондиција, вежбам. Не вежбам за да станам билдер, ама вежбам сепак за да се одржувам и да изгледам убаво. Среќа имам докторка по дома па, таа повеќе внимава не само на мојот режим на исхрана, туку и воопшто на она што јас го правам во текот на еден ден“, ни откри водителот.

 

 

Новите театарски остварувања се приказна сама по себе и бараат време, континуирана работа и посветеност. Сашко открива дека за да се стигне до еден резултат кој што изгледа мошне спонтано и е момент кој е изваден од животот, не е лесен процес, бидејќи неговиот профил на личност не е од оние што се задоволуваат со едноставни читања на текстот. Тој поседува актерска интуиција при создавањето на ликови кои според него се дијагноза за чиста шизофренија, на која тој и се препушта бидејќи само така може да се изведе успешен театарски лик.

„Во моментов покрај Бубамара, ја подготвувам  и претставата „Не се клади на Енглези“. Станува збор за српски текст што е многу познат и веќе 6-7 години е мошне актуелен и се игра во Србија и Хрватска. Приказната ја раскажуваат тројца урбани ликови, тројца другари кои што се навлечени на кладилница, а тоа е еден многу важен сегмент од нашето живеење. Премиерата е закажана на четврти март во режија на Синиша Ефтимов, а заедно со мене на сцена ќе ги видите и Оливер Митковски и Александар Микиќ. Она што е интересно е фактот дека прв пат за овој проект ќе се најдеме и во улога на продуценти. Ова нема да биде урнебесна комедија по секоја цена, едноставно тоа е драма од животот која е многу смешна, а на крајот е многу тажна. Претстава од час и половина која во еден здив ќе ја изгледа публиката, а ќе се игра на мала сцена во МНТ и сигурен сум дека ќе има многу публика. Работам и на синхронизации кои ете ги почнав, некогаш ми тежат, некогаш ми е баш забавно, а паралелно спремам стенд ап настап во Белград на први април. Таму одам веќе седми пат, а сега ќе настапам во Дом на синдикат. Потврда за мојот успех е наградата од публиката за најдобар стенд-ап комичар што ја освоив минатата година на ЛЕНТ фестивалот од мултимедијален карактер  во Марибор, кој трае 14 дена “, ни раскажа Коцев.

Кога станува збор за модата актерот се вбројува во листата на најдобро облечените мажи во нашата држава. За него  модата е индивидуален начин на живеење со опасни варијанти на вкус што раѓаат едно поинакво чувство на самодоверба и задоволство особено кај жените.

„Внимавам многу, мојата сопруга ми е мој личен дизајнер, без неа не можам да купам ништо - малку бидејќи ми е сопруга, па е жири комисија, малку бидејќи таа навистина има чуден и префинет вкус и многу ми помага во изборот на вистинска комбинација. Не знам дали мојот моден израз е директно поврзан со театарот, но морам да признаам дека најудобно се чувствувам во спортско-елегантен стил. Бицијани се мои спонзори долги години, нормално по кумановска линија, и не планирам да ги менувам. Сите ќе бидете изненадени од она што ќе го носам на  Бубамара оваа година“, вели актерот.

 

 

Негов омилен и единствен моден додаток се манжетните, за кои не може да каже дека се негова пасија, но секогаш посветува посебно внимание на тоа да бидат во необични форми како на пример во облик на веспа, колоритни, откачени и разиграни.

Во преубавите гардероби на прекрасното барокно здание на Македонскиот Народен Театар, каде што и почна да се ткае приказната на овој мултиталентиран уметник го заокруживме разговорот со искрена порака:

„Не штедете, ако нешто ви се допадне „од прва“, бидете сигурни дека тоа е вашата интуиција и дека тоа е вашиот вкус и не слушајте сугестии, зашто и самите знаете дека се друго е компромис. Компромис поради сопругата, поради продавачката, поради цената или некој друг, а на тој начин воопшто нема да бидете среќни. Тоа што ќе го купите секогаш носете го гордо!

Објавено:
18 февруари 2014
bool(false)