Кои се наградените на 35-тото издание на Первол модната недела?

16 април 2014

По завршувањето на 35-тото издание на годинешната Первол модна недела, се доделија наградите за најуспешните, со што и официјално се затвори оваа модна манифестација. Следната белградска модна недела ќе биде одржана од 24 до 31 октомври.

Пролетната Первол модна недела за оваа година прикажа неверојатен моден потенцијал на српската модна сцена, но го потврди и фактот дека постои и може да биде јасен генератор за културниот и економскиот развој на општеството. Во временска рамка од седум дена публиката имаше прилика да види бројни ревии на домашни и странски дизајнери.

Со оглед на тоа дека најголемата модна манифестација е заокружена со стил, дојде и редот на наградите за сите оние кои што посебно се истакнаа со своите дизајни и начин на работа. Свеченото доделување на наградите за најдобрите учесници во овој моден проект се одржа во Дива Lounge барот во Гранд Казино.

Лауреат на пролетното издание на модната недела е дизајнерскиот опус на креаторките кои на пистата настапија под псевдонимот „Класа“. Станува збор за десет млади жени кои добија три престижни награди: наградата „Марија Крањц“ за најдобра колекција, наградата за најдобра ревија и наградата за највпечатлива ревија. Наградата за најдобар млад дизајнер отиде во рацете на Иван Џолиќ, а титулата најдобри модели ја понесоа Марина Кртиниќ и Петар Павловиќ. Признанието за најдобра иновација  во областа на шминката доделено на  Наташа Маљевиќ за  авангардниот изглед на моделите од ревијата на Маниш Арора.

Организаторите ја препознаа и наградија најдобро стилизираната јавна личност Јелена Гавриловиќ, а Марија Миниќ ја однесе титулата за најдобар стајлинг помеѓу посетителите.

„Пред сè морам да се заблагодарам и да му честитам на тимот од модното студио „Клик“, како и на сите соработници и поддржувачи на оваа модна манифестација, кои со своето искуство и знаење придонесоа Белград повторно да се пофали со еден од најдобрите модни настани. Честитки и до „Класа“, девојките кои ги добија трите престижни награди. Драго ми е што станува збор за сјајни и млади девојки кои се охрабрија да основаат свој бренд и да ги здружат силите“, вели Ненад Радујевиќ за белградските медиуми.

Пофалби и за Бата Спасојевиќ, кој доби специјална награда за 15 години беспрекорна работа. Навистина е голема честа што Белград на светот му праќа една ваква убава слика и доказ дека кога се работи напорно и посветено плодовите од сработеното се најслатки.

Објавено:
16 април 2014
Категорија: 
Актуел