Инд.о.г: Петто продолжение на славење на животот

6 мај 2014

ss 2014

Графичкиот дизајнер и визуелен уметник Горан Костовски, односно Инд.о.г (Ind.о.g) ги израдува љубителите на неговата работа со нова, пролетна колекција.

И овој пат остана доследен до својот стил, да внесе расположение и онаму каде што можеби ви изгледа дека е невозможно. Оваа пролетната коелекција на Инд.о.г е всушност петтото продолжение на пораката да се слави животот, односно да се ужива во убавината на живеењето.

За колекцијата е изработена и фото-сесија која овој пат е изработена во соработка со фотографот Жарко Чулиќ, за кој Костовски вели дека не престанува да изненадува со своите идеи. Сценографијата е исто така дело на Чулиќ, а за изгледот се задолжени Panache. Урбаните индивидуалци се уште еден препознатлив знак на Инд.о.г, па затоа не изостануваат и овој пат. Ангела и Боби се одбраните ликови за презентација на мини колекцијата, бидејќи не само што имаат посебен пристап кон облеката, туку се и личности од помладата генерација на модно освестени личности.

celebrate-life-ss-0146 Ангела и Боби

Иако како што напоменавме ова е петтата колекција и се очекува да биде побројна во поглед на бројот на парчиња, сепак Горан се одлучи за поинаков концепт.

- Решив оваа да биде најмалата едиција и да продуцирам само две илустрации и два модела на маици. Иако нацртав 10 илустрации сепак решив да се задржам на најважните моменти што мене ми се значајни последниве месеци, а тоа се сонцето кое што со неговото изгревање и заоѓање го означува раѓањето на новиот ден или завршувањето на истиот исполнет со многу предизвици и моменти- вели Костовски.

Горан Горан Костовски

Тој додава дека покрај оваа илустрација, танцот и играта се повторно присутни, но овој пат илустрирани преку куче.

- Кучињата се секогаш расположени и ведри за игра. Кај нив нема манипулации и лаги кои што ние луѓето ги користиме за да се допаднеме некому. за да бидеме нешто што не сме по секоја цена само за да добиеме внимание. Кучињата се искрени и тие можат да ве „почувствуваат“, да насетат дали сте ок личност или не и самите да проценат дали сакаат да играат со вас. Таа нивна искреност и весела константност мене ме фасцинира - објаснува Инд.о.г.

Што се однесува до боите, овој пат се одлучил да доминира белата поради чистината и совршенството што според него се содржи во оваа боја, а и совршено се вклопува со значењето на принтовите.

celebrate-life-ss-0147

- Печатот на едната маица е со флуроцентна боја што асоцира на прекрасните тонови на зајдисонцето. Неон и флуроцентните принтови никогаш не излегле од вниманието и актуелноста, но во последно време се мошне присутни - не сакам да кажам модерни. И секако, тука е и црната боја, што означува дисциплина, независност, силна волја и ни остава силен впечаток, а секако и мене ме асоцира на мојот пес кој што е црно бел и ја отсликува неговата особина - раскажува Горан.

Оние што ја разбираат неговата естетика и порака секогаш со насмевка на лицето ги дочекуваат новитетите од него. А, на прашањето што е целта што сака да ја постигне со она што го твори, Инд.о.г вели:

- Пред десет и повеќе години рачно цртав облека, па со текот на годините се оддалечив од истата, за да повторно и се вратам назад. Облеката е многу значаен сегмент за мене како личност, посебно што од своите тинејџерски денови градам сопствен стил на облекување со уникатни парчиња облека дизајнирани за себе. Дизајнирам нешто што не е баш достапно кај нас, поточно илустрации со авторска содржина, а ако се навратиме наназад на последните десет години дали како графички дизајнер, илустратор или арт директор, ќе забележите дека јас постојано се трудам да развивам некаква домашна сцена -  дали се тоа постери за забави или visuals, омоти или пак поврзување на различни креативци за моите фото-сесии, јас ги обединувам креативците заедно преку различни медиуми. Мене ме интересира улична мода и облека, па токму таква и работам, а целта ми е истата да се развие. Времето ќе  покаже за развојот на сето ова, па ќе видиме што ќе донесе - искрен е Костовски.

celebrate-life-ss-0143

А за тоа колку луѓето се отворени за ваков тип на дизајн и знаат да препознаат квалитет, вели дека ситуацијата може да биде многу подобра.

- Не сум песимист, но многу се малку луѓето што почитуваат домашен дизајн и што знаат тој што значи. Верувам дека овие работи ќе се променат сите работиме на тоа да се направат првите чекори за да се доближи домашниот дизајн повеќе до народот. Инаку, повратната реакција што засега ја добивам од луѓето е прекрасна. Можеби не се во голем број, но барем се вистински. Од странците повеќе реакции и коментари добивам за мојата работа отколку од средината каде што живеам, за жал.

За идните планови не може да зборува ништо, бидејќи вели, секоја идеја е многу силна но бесполезна додека не се оствари.

Во продолжение погледнете ги останатите фотографии од последната колекција, видеото за истата, а воедно потсетете се и на минатите гледишта на Инд.о.г за тоа како да го славиме животот.

celebrate-life-ss-014

celebrate-life-ss-0145

ss 2014

Објавено:
6 мај 2014
Категорија: 
Колекции