Познатата кантри пејачка Доли Партон, која уште еднаш ја воодушеви публиката на последниот свој настап на фестивалот Гластенбери, е родена на 19.декември 1946 година како четврто дете во семејството на Роберт Ли Партон и Ави Ли Овенс. Но, не е и последно. Двојката имала дури 12 деца. Иако едниот син починал уште како дете, останатите 11 се израснати опкружени со многу љубов, но и сиромаштија. Доказ за тоа е и податокот дека докторот што ја породил Ави со Доли го платиле само со вреќа пченка.
Идната пејачка отсекогаш верувала дека Бог и подарил нешто повеќе, а со оглед дека уште од мали години пеела и пишувала песни, знаела дека нејзиниот пат ќе биде означен од музиката. На тригодишна возраст ја осмислува својата прва песна, а бидејќи тогаш не знаела да пишува, мајка и и ги запишувала стиховите. Кога веќе тргнала на училиште почнала да пишува нови стихови, а кон средината на 1980-тите во едно интервју изјави како дотогаш напишала повеќе од 3000 песни. И понатаму секојдневно пишува, а еднаш истакна дека во секој дел од куќата има блокови, моливи и мали диктафони за да ги забележи своите мисли, мелодии и стихови. Иако никогаш не научи да чита ноти, во средно училиште и дозволиле да свири на тапани во оркестарот, затоа што претпоставувале дека тоа е единствениот инструмент за која не треба да бидеш музички образуван. Непознавањето на ноти не и претставувало проблем, па одлично свири гитара, дури и со огромни нокти, како и бенџо, клавир, цимбал, усна хармоника и харфа.
Суровото детство претставувало инспирација за песната Coat of Many Colours, која и е најдрага од целиот опус. Многумина не и веруваа, но во неа Доли ги опишува сопствените сурови искуства кои како дете ги доживеала. На пример, со оглед на тоа дека родителите не можеле да си дозволат да и купат нов капут, мајка и од остатокот стари крпи и сошила еден. Кога со него се појавила на училиште, сите ја исмевале и ја закачале поради тоа што е сиромашна. Бидејќи под капутот немала маица, момчињата се обидувале да и го откопчаат капутот, поради што избегала плачејќи. Мајка и ја утешила со зборовите дека, иако немаат доволно пари, во нивното семејство постои многу љубов.
Ова дама која ја нарекуваат и челичната пеперутка, честопати беше во центарот на вниманието, но не секогаш поради песните. Ја поврзуваа со разни мажи, но едно време кружеа гласини и дека е бисексуалка како и тоа дека најдолгата врска и била онаа со Џуди Огл, пријателка од детството. Исто така, честопати ја критикуваа за стилот, но таа секогаш остана своја.
-Постоеше една жена во мојот град и сите знаеја дека е проститутка. Никој немаше убаво мислење за неа, но јас отсекогаш мислев дека е многу убава. Едноставно, имаше премногу од се. Отсекогаш сакав да изгледам така. За мене не е ништо доволно шарено и воочливо. Оттаму се изгради и мојот изглед, токму од идејата на една девојка за тоа како треба да изгледа гламурот. Набрзо забележав дека луѓето ме гледаат и сфатив дека ако можам да го придобијам нивното внимание, ќе видат дека под тоа се крие мозок и срце на една талентирана личност - се присетува Доли.
Нејзиниот сопруг секогаш и велел дека изгледа како чепкалка за заби со памук. Периките се составен дел од нејзиниот изглед уште од 19-тата година, а почнала да ги носи и надоградува, затоа што и било поедноставно само да ги стави и прицврсти на глава пред концерт, отколку да поминува часови во фризерски салони.
-Многумина ми говореа дека би постигнала многу повеќе ако не изгледав или изгледам многу евтино и нападно. Но, се облекувам во она во што се чувствувам најудобно и никој не би требало да ме осудува поради тоа што сакам да бидам убава. На мојот сопруг му се допаѓа како изгледа и тој е единствениот на кого сакам да му удоволам - вели пејачката чие богатство се проценува на повеќе од 500 милиони долари.
Големите гради се нејзиниот заштитен знак. Иако на почетокот на кариерата ги негираше хирушките интервенции, сепак се одлучи за нив кога почна драстично да ги губи килограмите, а со тоа и градите. Новите и подобрените ги плати околу 3.000 долари.
-Ја сакам пластичната хирургија и луѓето постојано ме распрашуваат за тоа, а јас не сакам да лажам. Секогаш кажувам дека ако нешто влече, виси или се спушта, треба да се отстрани или вовлече. Сум работела и лифтинг на лице и разни други нешта. Имав операции на очите, а во усните ставав колаген. Користам и ботокс, а имав и липосукции на разни места, го симнував вишокот на кожа... Голем дел од интервенциите ги имав откако изгубил многу килограми. Луѓето ме прашуваат дали се плашам од сето тоа. Секако дека не, затоа што ако имаш пари, храброст и време, ништо не е проблем, но секогаш треба внимателно и умно да се бираат хирурзите. Внимателна сум и се работам по малку, никогаш многу и одеднаш, затоа што тогаш би изгледала сосема поинаку и грдо - изјави искрено Партон пред неколку години.
Естетските операции стана составен дел од нејзиниот живот кон средината на 1980-тите. Откако нагло ослабе, таа не можеше да ја носи облеката која и се допаѓа. Во тие години вишокот на килограми ги доби после хистерктомија. Еден ден се „сруши“ на сцената, а набргу докторите и кажаа дека мора да и ја отстранат матката и дека еден сон никогаш нема да и се оствари - да биде мајка.
-Во текот на тие 18 месеци ги преживував најтешките мигови. Имав женски проблеми, хормоните дивееја и се здебелував. Беше многу лесно да се препуштам на очајот. Духовна личност сум и постојано се молев, а имам прекрасно семејство и пријатели на кои можев да се потпрам. Сепак, никогаш не отидов кај психијатр, затоа што едноставно, едно утро го најдов одговорот на своите проблеми и во себе си реков: „Држи се до тој дебел задник и среди го животот, или заврши се и упукај се самата“.
И таа продолжи на радост на нејзините обожаватели и семејството. Во продолжение погледнете ги модните избори и трансформации на Партон низ годините. Изгледа дека паролата поинаква, но само своја на неа и донесе популарност и препознатливост.