MFW:Версаче и Етро ги исполнија очекувањата на третиот ден

20 септември 2014

collageglavna

Модната недела во Милано е во тек, а третиот ден беше резервиран, помеѓу останатите и за Блумарин, Етро, Мисони и Версаче. Секој со своја естетика, предизвика реакции кај публиката, па дел ги исполнија очекувањата, додека од други се очекуваше и повеќе.

Версаче

collageversace

Донатела Версаче за Милано подготви колекција со едноставни, прави силуети.  Дел од моделите беа во модернистички дух, со колор-блок елементи, а последниот дел од ревијата беше резервиран за фустаните со кристална мрежа. Едноставноста на Донатела, која најчесто знае да си поигрува со естетиката, наиде на позитивни реакции, а според многумина, успешноста на колекцијата лежи во софистицираноста на принтовите, односно препознатливите знаци на брендот, поради која нема шанси да не посакате макар едно парче од колекцијата.

Мисони

collagemisoni

Анџела Мисони при создавањето на  пролетна колекција се водела од асоцијациите за лето - среќа, лелеавост, удобност, опиеност од сонцето, па нејзините модели имаа за цел да го претстават тоа преку облека. Токму затоа, поголемиот број од парчињата се во светли нијанси, бои на виножито и широк крој, кој ја овозможува спомената лелеавост. Шоуто беше замислено како патување од едно летно утро до заоѓањето на сонцето, но од првото до последното парче, текот на ревијата беше со бавна и не толку успешна складност. Убав беше спојот на плетените модели кои сепак дишеа со леснотија. Турбаните како моден додаток даваа ориентална нота на изгледите, што  е тренд кој продолжува. Сепак, и покрај свежите бои и практичноста, многумина имаа впечаток дека Мисони не понуди ништо поинакво и ново, што ја направи ревијата и по малку здодевна и под очекувањата.

Етро

collageetro

Вероника Етро е една од дизајнерите што ја претпочита рачната изработка наспроти индустрализацијата и сериското производство. Токму затоа и новата колекција претставена на миланската модна недела вклучува парчиња што би можеле и самите да си ги направите. Доминираа лесните текстури, густо навезени монисти, што пак укажува на препознатливиот бохо дух. Пораката вели: Бидете слободни! Дизајнерката вели дека колекцијата е посветена на жените уметнички, што можат да се снајдат сами во пустина, инспирирана од енергијата што ја дава блискоста со природата и нејзината дива страна. Така, колекцикјата има елегантна, но и хипи нота, а со тоа е уште една во низата колекции во духот на 1970-тите.

Блумарин

collageblumarin

Кога ќе спомне некој Блумарин, она што прво ви паѓа на ум се цвеќињата, а тие не изостанаа ниту во колекцијата за пролет 2015. Но, дизајнерскиот тим на брендот овој пат на поинаков начин најде да ги аплицира, навезе, па кога ги гледате немате впечаток дека веќе сте ги виделе на некоја  од ревиите на Блумарин. Голем дел од комбинациите содржат здолништа и куси фустани, со што нозете доаѓаат во преден план. Кога се боите во прашање нежните и пастелни доминираат, а материјалите се лесни и пријатни. Блумарин остана доследен на својата естетика и квалитет.

Објавено:
20 септември 2014
Категорија: 
Колекции