Исповед на плакарот: имате што да облечете!

18 ноември 2014

Во просек, жените носат вкупно 20 проценти од облеката што ја поседуваат во нивните плакари. Ова го покажаа последните светски истражувања, што по којзнае кој пат наведуваат на фактот дека жените постојано се жалат дека немаат што да носат, а сепак, зад себе имаат преполн плакар.

И додека за некои ова можеби изгледа смешно, истото може да биде совршена подлога за еден многу сериозен проблем, што сѐ почесто се детектира кај девојките ширум светот – „колекционери“ на облека или fashion hoarders.

Од досегашните исповеди на девојките што се соочиле со овој проблем, повеќе од сигурно е дека истиот настанува како резултат на прекумерното користење на Интернетот, односно постојаното прелистување на модните блогови и стилски онлајн страници.

Таканаречените зависници од купување и трупање на облеката, речиси секогаш, истата не ја купуваат поради тоа што имаат потреба, туку едноставно, затоа што очајно го посакуваат тоа тренди парче, или едноставно мораат да го имаат пред сите други.

Вообичаено, оваа „болест“ почнува со купување на некои ситници со изговор дека немаат што да облечат, а потоа прераснува во страшна опсесија на постојано купување и трупање работи, од кои огромен дел на крајот остануваат со етикета.

Студентката и модна блогерка Хејли Косрави преку своите исповеди како зависничка од купување, се обидува да им помогне на останатите девојки од светот кои или почнуваат, или се веќе длабоко навлезени во оваа опсесија.

„Како и секој друг зависник, почнав со мали чекори. Купував по некој чифт чевли, па потоа открив една винтиџ продавница и почнав да купувам сѐ повеќе и повеќе. Ако некој зборуваше за некое парче, јас одма го сакав тоа, го сакав пред сите, морав да го имам. Дојдов до степен кога без престан ги проверував новите трендови и комбинациите на моите модни икони. Денеска, моите плакари се преполни, но јас повторно немам што да носам. Тоа не е заради тоа што немам доволно парчиња, туку заради тоа што не можам да најдам ништо што ми одговара во овој куп“, вели Хејли која пред некое време побарала помош за нејзината болест.

Денеска, таа ќе каже дека и било неверојатно тешко да се ослободи од сето она што не и се допаѓало и од сето она што не го носела, бидејќи и било страв парчињата повторно да не се вратат во мода.

Хејли вели дека покрај опсесијата со купување, кај неа имало и друг проблем – спомените! Иако можеби само изговор, таа не сакала да се ослободи од голем дел од парчињата бидејќи истите ја врзувале за одреден период од животот, што не сакала да го заборави.

„Си велев, ова го носев вечерта кога имав претстава, ова го носев со поранешното момче, ова со пријателките на една луда забава... и едноставно на спомените им немаше крај! Кога веќе отидов предалеку и буквално не можев да живеам во мојот стан, решив да побарам помош и иако ми требаше долго време, морам да кажам дека денеска живеам во сосема организиран стан во кој нема ништо што не ми е потребно“, вели Хејли за Хафингтон Пост.

Сосема на крајот, таа им препорачува на сите девојки што го имаат овој или сличен проблем, да побараат помош на време, пред својот стан да си го претворат во складиште!

Она што таа сака сите да го имаат на ум, е фактот дека на крајот на денот, секој треба да го купува она што му е потребно и она за што е сигурен дека ќе го носи. Кога одите во шопинг, не го купувајте џемперот што го избравте во две бои „за секој случај“, туку купете го единствено оној што ви е потребен.

Доколку сметате дека нешто не ви прилега, не го купувајте само затоа што ви се допаѓа и само поради силните намери дека многу наскоро ќе симнете некој килограм, туку парите пренасочете ги кон некој тренд на сезоната што навистина ви се допаѓа.

На овој начин, со текот на времето вашиот плакар ќе биде организиран и наполнет единствено со безвременски парчиња што нема за еден месец да излезат од мода, а вие секогаш ќе имате што да облечете, без разлика на приликата.

Секогаш имајте на ум дека креативноста е вашата најдобра пријателка при комбинирањето и секогаш, бидете сигурни дека некаде во длабочините на вашиот плакар, навистина има што да облечете!

Објавено:
18 ноември 2014
Категорија: 
Стории