Посакувате ли честитка во сандаче?

12 декември 2014

Кога бев дете, незамисливо беше да не се купат новогодишни честитки за цело одделение, или макар за најдобрите другарчиња и да им се стават во домашното сандаче, со топли и искрени желби за Среќна Нова година. Или пак, да се испратат по пошта.

Кога последен пат сте добиле или испратиле новогодишна честитка? Всушност, кога последен пат сте купиле една таква?

Поради модерниот начин на живот на сите им е многу полесно да испратат и-мејл или пак, да напишат по некој убав збор и желба на Фејсбук.

Но, да бидеме искрени, ништо не може да го замени чувството, возбудата кога испраќате, односно добивате честитка. Ништо не може да  ја замени насмевката од радост и изненадување, дека некој се сетил на вас. Честитката е искреност, не толку многу поради зборовите, колку поради фактот дека некој во моментот кога купува мисли на вас и ја бира според чувството за вас...

Првите честитки за Нова година и Божиќ се појавуваат во Англија, за да се охрабрат обичните луѓе во што поголем број да ги користат поштенските услуги, кои во тоа време се во зачеток. Овие први честитки се со шарени слики во средина, кои најчесто се  приказ на среќно и насмеано семејство, како ужива во раскошна трпеза. Текстот на честитката отсекогаш бил едноставен и јасен, а таков се користи и денес: Среќни новогодишни и божиќни празници...

Првата честитка е направена во далечната 1843-та година и тоа по мотивите на Џон Калкот Хорси, а ги дистрибуирал сер Хенри Кол. Минатата година оваа честитка е продадена на аукција за 5.000 фунти.

првата честитка од сер Хенри Кол првата честитка од сер Хенри Кол

Класичната продажба на новогодишни честитки започнува неколку години подоцна. Тиражот на оваа честитка изнесувал околу 1.000 парчиња, а денес се сочувани само 12 од нив.

Праќањето честитки многу бргу станува сосема вообичаено, а во тоа време чини 1 пени. Penny Post овозможува со појавата на железниците што поголемо количество пошта да може да се праќа подалеку и побрзо отколку со поштенските кочии до тогаш. Поштата одлучува да ги преполови цените на поштенските доставувања, доколку честитката е пратена во сопствена опаковка или без печат. Така, во 1870-тите печатењето на честитки станува мошне популарно, а цената на преполовената поштарина изнесува пола пени, што придонесува повеќе обични луѓе во Британија да испраќаат честитки.

Во САД идејата за новогодишни и божиќни честитки доаѓа од многу порано, но тие биле мошне скапи, па со самото тоа недостапни за голем број луѓе. Но, веќе од 1875-тата година, масовното печатење и намалената цена на поштарината го направија праќањето честитки популарно и на овој дел од светот, а истовремено и практично и достапно на сите.

Со текот на времето, честитките го менуваат својот изглед. На нив најчесто е прикажана елка, снег, зелени шуми со снег, Дедо Мраз, ирваси, санки...

Постоеше и тренд на персонализација на честитките, пришто пораката со најубави желби се става под фотографијата на членот или членовите на семејството. Малку поталентираните често прават рачно изработени честитки, кои истовремено уникатни и совршени се за подарок. Се сеќавам и на звучните новогодишни честитки, оние со многу светки на нив...

Зошто не купувате честитки? Ве мрзи? Немате време? Не ги знаете точните адреси на вашите пријатели, другари, колеги? Веќе сте „големи“ за тоа?

Доколку се пронајдовте во некоја од моите претпоставки, тогаш имате очајни изговори... Никогаш не сте возрасни за новогодишна честитка, како што не сте ниту за китење елка, ниту за подароци... Факт е дека начинот на живот и темпото на работа нè окупираат, но секогаш може да се најде време да направиме нешто убаво за некој што ни значи... Јас посакувам да најдам некоја во моето сандаче...

Праќањето честитки е веќе ретро, но ретрото е во мода, па бидете модерни оваа Нова година и посветете малку време на тие што ги сакате, а со тоа и на себе.

Нема да ве чини многу, а ќе ви значи премногу! И вам и на оние што ќе ги израдувате! Внесете магија во новогодишните желби! И тоа на хартија!

Објавено:
12 декември 2014
Категорија: 
Актуел