Пет тотално кул новогодишни стајлинзи

27 декември 2014

Кога правиме стилски комбинации со парчиња во метални нијанси, секогаш постои доза на ризик крајниот резултат да не биде очекуваниот. Честопати линијата помеѓу урбаниот уличен изглед и кичот е тенка,  особено кога вметнуваме детали или облека со висок сјај.

За новогодишниот изглед, ризикот ќе се исплати доколку таквите парчиња соодветно и умерено ги комбинирате.

Многу е важно кога во вашиот стајлинг вметнувате парчиња во метални нијанси да балансирате со остатокот од деталите и парчиња облека кои  треба да бидат во посмирен тон.

Ако вашето здолниште е во преливи од сјајни нијанси на зелена боја, тогаш блузонот нека биде со интересен натпис на пудреста основа , а капутот одберете го во истата боја. Финалната кул завршница ќе ја дадат деталите: мини ранец наместо чанта, очила во кружна форма и ѕвезден накит.

Ако целите кон тотално откачен-диско изглед, тогаш забавувајте се при изборот на парчињата! Веќе вие сте решиле дака сакате да изгледате необично и тоа ве прави среќни. Кулминација на фанки стилот е крзнената бундичка во повеќе бои.

Сите дами кои остануваат цврсто до својот женствен стил, а сепак претендираат да внесат несекојдневен шмек во празничниот стајлинг, може да комбинираат здолниште во А линија со геометриски принт и да го спојат со минималистички топ во сребрена боја. Највпечатливиот момент нека е мекото и удобно палто со пердуви во нежна розова боја и чевли во истата боја, но со висок сјај.

За оние урбани девојки кои сакаат да уживаат во привилегијата на удобноста  во секоја прилика, препорачуванме предимензионирано палто, макси здолниште и чевли на висока платформа.

Спојот на спортска и елегантна облека е одличен избор за новогодишната ноќ. Зошто да не облечете патики и да уживате цела вечер играјќи на подиумот? Елеганцијата ќе ја постигнете многу едноставно, со избор на кратко црно сако и панталони со светки, а ќе финиширате со минимален накит, како на пример ситни обетки или лента со која ќе ја соберете косата.

Објавено:
27 декември 2014
Категорија: 
Тренд