Топлото време, знае да биде навистина инспиративно за комбинирање на модни изгледи. Без разлика дали станува збор за дневна или вечерна варијанта најважно е да се чувствувате удобно и пријатно во облеката што ја носите. Затоа модната куќа Елена Лука е повторно подготвена да ви понуди нови изгледи кое дефинитивно ќе му дадат една поинаква енергија на вашето модно секојдневие.
За дневниот изглед модниот тим од Елена Лука ве советува да одберете свилена блуза во златна боја, која странично е украсена со карактеристична конструкција на фалтирање, во комбинација со кратки панталони исто во златна боја и свилен материјал. Интересната игра на пачворк техника аплицирана на панталоните е целосно изработена од органтин и со тоа на стајлингот му дава едно поинакво модно разигрување не само во поглед на кројот туку и во структурирањето на моделот. Овој изглед комбинирајте го со чевли кои се дел од најновата колекција на брендот „Златни узди“. Одберете ја црната варијанта на сандали, изработени од високо квалитетна сјајна кожа, украсени со златни детали и златна плочка на која е изгравирано логото на куќата.
За вечерната визија, Елена Лука ве советува да се одлучите за нешто провокативно и елегантно. Станува збор за комбинација на транспарентна шармес маичка во црна боја под која дискретно ѕирка специјално дизајниран градник украсен со рачна апликација на златна тантела. Здолништето е со висок струк и е креирано со специфично сечење, кое вклучува странично фалтирање, изработено од органтин, и два предни дела со крој на геометриски форми, каде горниот триаголник е изработен од црн памучен сатен, а долното парче чија функција е да ја истакне фигурата е дизајнирано од рачно аплицирана златна тантела. И за оваа варијанта одберете ги сандалите кои се дел од новата колекција „Златни узди“.
Миксот на црните и златните нијанси секогаш е вистински избор доколку сакате да ја нагласите вашата женственост и софистицираност. Бидете аристократска дама чиј изглед секогаш ќе собира само позитивни коментари.