Време е за улична мода од Токио која го достигнува својот креативен максимум за време на тековната Јапонска модна недела. Кожени јакни, класични пролетни мантили и капути во пастелни нијанси, бохо фустани, молив здолништа се само дел од модните индекси по кои се водат љубителите на модата низ Токио. Ако во Њујорк карактеристични за изгледите од улична мода беа патиките, во Лондон спојот на влечки и чорапи, во Токио речиси и да нема женски уличен изглед без обувките на висока платформа. Кохезија од изгледи кои несомнено потсетуваат еден на друг и алудираат на комфорноста која е заедничка како за мажите така и за жените. Сепак, машките изгледи се похрабри во однос на оние од припадничките на понежниот пол, Јапонците сигурно и пристапуваат на еклектичноста од слоевитото комбинирање на парчиња од кожа, класични кроеви како и спојот на различни принтови. Забележителен тренд кој го негуваат се тесните машки панталони со пократки ногавици од кои им ѕиркаат глуждовите и контрастните чорапи. Од галеријата во продолжение ви ја пренесуваме најсвежата улична мода од Токио.