Моден хороскоп: Со кој дизајнер го делите хороскопскиот знак?

3 март 2017

Нов месец е пред нас, што воедно значи нови предизвици, нови искуства, падови и подеми.

Ние за овој март ќе ви понудиме малку поинаква астролошка содржина.

Во продолжение ќе прочитате со кои модни дизајнери го делите хороскопскиот знак, какви карактеристики носат тие дизајнери, а ќе ви презентираме и комбинација од некои од нив, што секако може да послужи како инспирација за некој ваш стајлинг или пригода во текот на овој месец.

Уживајте!

 

Овен

21 Март – 20 Април

Модните дизајнери од овој хороскопски знак се бунтовнички настроени, како и сите останати претставници на Овенот. Исто така, независни се, трендсетери, со префинето чувство за стил.

Ако сте некој што има Венера или Месечина во Овен тогаш несомнено ќе бидете привлечени и од креациите на дизајнерите Овнови. На пример, Селена Гомез има месечина во Овен и често носи креации на Марк Џејкобс. Или пак, Џиџи Хадид со Венера во Овен соработува со Томи Хилфигер.

За март месец, за сите припаднички на овој знак, предлагаме комбинација од Викторија Бекам, каде доминираат интензивните и весели бои. Овновите се лидери и го сакаат вниманието, па затоа сметаме дека ваквиот избор на облека сосема ви прилега

Инаку, во продолжение погледнете и со кои други дизајнери го делите зодијачкиот знак:

Томи Хилфигер – 24-ти март 1951

Кристофер Бејли – 26-ти март 1971 година

Вивијан Вествуд – 8-ми април 1941 година

Марк Џејкобс и Мартин Марџела – 9-ти април 1963 односно 1957 година

Викторија Бекам – 17-ти април – 1974 година

 

Бик

21 Април - 21 Мај

Венерата владее со овој знак, па Биковите се природно привлечени од естетските и фините нешта. Имаат уметнички сензибилитет, па голем дел од претставниците на овој знак имаат професии поврзани со уметност – мода, убавина, сликарство, музика...

За разлика од другите знаци, тие имаат свест за најновите трендови, но исто така никогаш не се откажуваат од класиката. Затоа, многу често ревиите на дизајнерите во овој знак се одржуваат во галерии или пак едноставни простори што нудат интимност.  

Биковите имаат вродено чувство за убавото и визуелното, за луксузното, всушност за сите фини нешта во животот. Затоа, овие луѓе секогаш се опкружени со успех, можност за заработка. За разлика од Овновите што би имале и посмели комбинации, Биковите ќе се држат до класиката. Но, не значи дека немаат напредни идеи.

Па погледнете ја само работата на следните дизајнери и ќе ви стане јасно за што зборуваме, а ние ви презентираме комбинација од „Валентино“.

Жан Пол Готје – 24-ти април 1952

Донатела Версаче – 2-ри мај 1955

Ања Хајндмарч – 7-ми мај 1968

Валентино Гаравани – 11-ти мај 1932

Кристијан Лакроа – 16-ти мај 1951

 

Близнаци

22 Мај - 21 Јуни

Модните дизајнери родени во овој знак имаат сензибилитет за креирање на двојни работи. Затоа, дел од најуспешните дизајнери за чевли се родени токму во овој хороскопски знак.

Покрај тоа, модните дизајнери Близнаци секогаш нудат колоритни и весели креации. Знаејќи го ова уште подобро ќе можете да го разберете она што го работи Шарлот Олимпија или на пример Тори Бурч.

Близнаците сакаат принт, сакаат динамика. Нив ги гуши монотонијата, па затоа и креираат работи што би ги носеле тие самите, како и сите останати Близнаци во светот. Ако припаѓате на овој хороскопски знак и ве привлекува дизајнот, тогаш сигурни сме дека ќе се согласите со нас.

Во продолжение и за вас листа на дизајнери Близнаци.

Салваторе Ферагамо – 5-ти јуни 1898 година

Шарлот Олимпија – 5-ти јуни 1981 година

Албер Елбаз – 12-ти јуни 1961 година

Сестрите Мери Кејт и Ешли Олсен – 13 јуни 1986 година

Тори Бурч – 17-ти јуни 1966 година.

Предлог комбинацијата за март ќе биде токму таква – разиграна и весела, а ќе содржи парчиња од Салваторе Ферагамо и Шарлот Олимпија.

 

Рак

 22 Јуни - 22 Јули

Раковите се познати како романтичари, па затоа и не изненадува фактот дека најголем број од дизајнерите родени во овој знак креираат токму венчаници. Во контекст на ова, бојата на Ракот е белата, која воедно ја нарекуваат и среќна боја.

Дизајнерката Елизабет Емануел, на пример, е рак во хороскоп и се прослави со дизајнирањето на венчалниот фустан на Лејди Ди.

Тоа е основата на која потоа сè друго се додава. Претставниците на овој знак се сензитивни и женствени. Нив ги водат емоциите во животот. Приврзани се за семејството и домот.

Затоа и им прилегаат креации што се микс на романтичното и класичното.

Нашата комбинација ќе биде микс од креациите на Оскар де ла Рента, а еве и со кои други дизајнери го делите зодијакот.

Вера Ванг – 27-ми јуни 1949

Ели Сааб – 4-ти јули 1964

Џорџо Армани – 11-ти јули 1934

Оскар де ла Рента – 22-ри јули 1932

Алис Темперлеј – 22-ри јули 1975

 

Лав

23 Јули - 23 Август

Дизајнерите родени во знакот на Лав поседуваат природна креативност, проникливост и стил. Лавовите сакаат забава, сакаат да мислат дека засекогаш се деца. И токму тоа е појдовната точка во животот и работата. Такви сте и повеќето што во моментов го читате текстот.

Така и дизајнерите – модата ја разбираат како забава која ќе им донесе заработувачка.

Лав значи и големина, успех и издржливост. Затоа и не изненадува фактот дека едни од најцврстите и најстарите модни брендови се основани токму од дизајнери Лавови.

Бојата за која се врзува овој знак е златната. Забележете дека и логото на Ив Сен Лоран или Мајкл Корс е златно. Лавовите сакаат да носат и принт, особено животиски, а го сакаат и барокот. А дизајнерите родени во овој знак и најдобро го разбираат тоа.

Овие големи имиња само ќе го потврдат тоа:

Ив Сен лоран – 1-ви август 1936 година

Луј Витон – 4-ти август 1821 година

Џереми Скот – 8-ми август 1975 година

Мајкл Корс – 9-ти август 1959 година

Доменико Долче – 13-ти август 1958 година

Коко Шанел – 19-ти август 1883 година

Нашиот мартовски предлог е составен од парчињата од „Мајкл Корс“.

 

Девица

24 Август - 23 Септември

Во знакот на Девица исто така се дел од најпопуларните модни имиња. Она што ги одликува овие дизајнери (како и речиси сите претпадници на овој знак) се чистите и јасни линии, прецизен дизајн и перфекционизам.

Тие неверојатно многу време посветуваат на детали и на прецизноста, што можеби на прв поглед не е толку видливо, но вистинските познавачи можат да го препознаат тоа..

Исто така, тоа се дизајнери  што со задоволство им се навраќаат на дневните рутини и ритуали. Девиците, генерално, се зависни од работата и не сакаат безделничење.

Освен модни дизајнери, голем број од луѓето родени во овој знак се архитекти, графички дизајнери, сликари, односно било која професија што бара прецизност.

А имајќи го на ум ова што го читате, можете ли да погодите кои дизајнери се родени во знакот на Девица?

Том Форд – 27-ми август 1961 година

Елса Скијапарели – 10-ти септември 1890 година

Карл Легерфелд – 10-ти септември 1933 година

Стела Мекартни – 13-ти септември 1971 година

Мартовската предлог комбинација е токму од модната куќа „Шанел“.

 

Вага

24 Септември - 23 Октомври

Ако некој вистински ја разбира убавината и знае да ја продуцира тоа се вагите. Дизајнерите во овој знак создаваат креации со имаат романтична нота, а сè поради тоа што и со овој знак, како и со Бикот владее Венерата.

Вагите секогаш се во потрага по балансот и хармонијата, затоа и секогаш се трудат да го дадат својот максимум. Дипломати се, а воедно и шармантни, што одлично се вклопува во нивниот професионален профил.

Потсетете се дека Џејсон Ву беше еден од дизајнерите на кои Мишел Обама му ја даде сета доверба кога е нејзиниот изглед во прашање.

Кога е стилот во прашање, се прилагодуваат кон трендовите. Од нив можете да видите и минимализам, но и еклектизам. Но, најважно им е тоа да е естетски издржано.

Овој пат комбинацијата за Вагите ќе биде од Дона Каран. А еве погледнете и кога се родени познатите дизајнери од овој знак:

Џејосон Ву – 27-ми септември 1982 година

Дона Каран – 2-ри октомври 1948 година

Серхио Роси – 4-ти октомври 1935 година

Ралф Лорен – 14-ти октомври 1939 година

 

Шкорпија

24 Октомври - 22 Ноември

Дизајнерите Шкорпии создаваат мода за возрасни, а тоа значи – софистицирана и секси. За жени, не за девојки би гласело нивното мото.

Замислете си амбиент на приватна забава, во ноќен клуб, после полноќ. И животински принт.

Роберто Кавали е еден од највистинските претставници на ваквиот диззајн. Шкорпиите не се плашат да го прикажат она за што другите сметаат дека е премногу смело.

Тие одат на места каде што други не одат. И не само дизајнерите, туку речиси сите претставници на овој знак. Имаат доволно сила да поднесат многу повеќе отколку било кој друг.

Кога е дизајнот во прашање, она што најдобро им оди се принтовите – од животински до неутрални. Нивната примарна боја е црна, но сите пригушени нијанси на останатите бои. Сè што значи мистерија.

Освен Кавали, од чии креации ќе биде и нашата комбинација, погледнете кои се другите дизајнери Шкорпии:

Зак Посен – 24-ти октомври 1980 година

Стефано Габана – 14-ти ноември 1962 година

Роберто Кавали – 15-ти ноември 1940 година

Рик Овенс – 18-ти ноември 1962 година

Келвин Клајн – 19-ти ноември 1942 година

 

Стрелец

23 Ноември - 21 Декември

Кога кажуваме Стрелец, мислиме на смелост и авантура. Најпознатиот дизајнер во овој знак е Џон Галијано, кој низ години стана препознатлив токму по смелите и несекојдневни дизајни, како некој што секогаш оди по работ (и во приватна и во професионална смисла).

А веруваме така е и кај останатите Стрелци. Вие го сакате ризикот. Некогаш тој ве носи во небесата, некогаш ве спушта на дно, но без разлика на сè вие знаете како да се справите со тоа. Философски сте настроени, а такви се и дизајнерите во овој знак.

Во Стрелците има размислување и мудрост, особено кога е професијата во прашање. Креативни се, затоа и ги привлекуваат уметностите. Сакаат впечатливи бои или пак детали што ќе ги издвојат од другите.

Ние овој пат предлагаме комбинација од Жил Сандер, кој знае одлично да го прави тоа. А Џани Версаче, уште еден Стрелец беше крал на боите. Во продолжение погледнете кои дизајнери се стрелци и кога се родени:

Жил Сандер – 27-ми ноември 1943 година

Маноло Бланик – 28-ми ноември 1942 година

Џон Галијано – 28-ми ноември 1960 година

Џани Версаче – 2-ри декември 1946 година

 

Јарец

22 Декември - 20 Јануари

Мартовската комбинација за Јарците е од една од најпознатите американски дизајнерки – Каролина Херера. И ако подобро го погледнете нејзиниот стил, ќе сфатите дека се работи за типичен претставник на овој знак.

Класика, промисленост и смиреност – тоа се карактеристиките што ги одликуваат речиси сите Јарци. Но, тоа не ја намалува нивната амбиција. Како земјен знак, цвртсто стојат на нозе и го чекаат успехот на кој вредно работат.

Каролина Херера веќе 35 години е во самиот моден врв. Дизајнерите Јарци прават безвременски, елегантни и практични парчиња. Ако сакате да знаете што да облечете за било која пригода, прашајте дизајнер Јарец. Тие знаат да направат најдобар баланс на сè што е потребно.

А освен Каролина Херера, еве кои други дизајнери се родени во овој знак:

Кејт Спејд – 24-ти декември 1962 година

Александар Ванг – 26-ти декември 1983 година

Дајан фон Фурстенберг – 31-ви декември 1946 година

Каролина Херера – 6-ти јануари 1939 година

Раф Симонс – 12-ти јануари 1968 година

Кристијан Лубутан – 7-ми јануари 1963 година

 

Водолија

21 Јануари - 19 Февруари

Од дизајнерите Водолии дефинитивно може да се очекува доза ексцентричност. Тие се индивидуалисти и тоа го пренесуваат и на работата.

Но, нивната предност во однос на другите е што се визионери и што се бунтовнички настроени, па создаваат вистински револуции. Инвентивни се.

Колку за потсетување, А-линијата што првпат ја презентираше во колекцијата за пролет 1955 година, стана најпосакуваната силуета во Парз во тоа време.

Исто така, Водолиите ги сакаат и принтовите, исто колку и интересните кроеви, па со задоволство ги вклучуваат во своите дизајни, но на еден софистициран и поумерен начин.

Освен Диор, од чии парчиња е и нашиот предлог кон Водолиите, погледнете ги и останатите познати дизајнери во овој знак:

Кристија Диор – 21-ви јануари 1905 година

Нарцисо Родригез – 27-ми јануари 1961 година

Мери Квант – 11-ти февруари 1934 година

Патриша Филд – 12-ти февруари 1941 година

 

Риби

20 Февруари - 20 Март


Рибите се најкреативниот знак во целиот зодијак. Затоа честопати имаат проблем да бидат разбрани. Нивниот мозок функционира на ним позната фреквенција.

Тоа важи за сите претставници, па и за модните дизајнери, за кои може да се рече дека се големи сонувачи.

Рибите функционираат во својот хаос и се потпираат на чувствата и интуицијата. Еден од најпознатите дизајнери што е Риба во хороскоп е Александар Меквин. Неговите дизајни беа сосема уметнички настроени. Рибите секогаш „пукаат“на големо.

Затоа и остануваат запаметени и постигнуваат успеси. Мартовскиот предлог за вас е токму од овој дизајнер.

А еве ги и останатите успешни модни дизајнери од овој знак:

Уберт де Живанши – 20-ти февруари 1927 година

Кензо Такада – 27-ми февруари 1939 година

Франко Москино – 27-ми февруари 1950 година

Александар Меквин – 17-ти март 1969 година

Жулиен Мекдоналд – 19-ти март 1971 година

 

Објавено:
3 март 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
4.899 пати