Џенифер Лопез - пејачка, актерка, танчарка... Некои ќе речат во сè добра, а некои во сè просечна. А сепак, таа е на врвот. Во една прилика ќе изјави дека „Колку вложуваш во нештата, толку ќе ти се враќа“.

И во нејзиниот случај се покажа како точно.

Од девојка од Бронкс, „Џени од соседството“, стана милионерка, со фантастична продажба на албуми, гледани филмови и танчарка со одлична кондиција, дури и во шестата деценија.

Во јавноста сè почесто е присутна и „озборувана“ поради нејзиниот фантастичен изглед.

Жените ја сакаат поради тоа што успеа да ги натера да ги засакаат своите облини. На поинаков начин од тоа како Кардашијан го прави тоа, на пример.

Џенифер покажа дека со дисциплина и вежбање може да се има тело какво ќе посакате. Покажа дека и тоа што обична жена би го сметала за недостаток и би го криела со широки блузи, може да биде предност, препознатливост.

Во едно интервју откри дека во животот почитува неколку правила од кои многу ретко отстапува:

Правило број еден: Џенифер вели дека не постои некоја магична формула за добар изглед – таа во текот на целиот живот се грижи за нејзиното тело и здравје и затоа денес изгледа вака. Сепак, ќе каже дека нејзиното прво правило е - заборави на кофеинот. Нејзиниот извор на енергија го бара во други состојки или пак активности, како редовно вежбање, пилатес, возење велосипед.

Правило број два: Никогаш не консумира алкохол, бидејќи тој влијае лошо на изгледот на кожата. А за нејзиниот добар изглед и кожата зборува многу.

Правило број три:Доброто и доволно спиење е нешто за што речиси и да не прави компромиси.

Минатата година Советот на модни дизајнери од Америка (CFDA) ѝ ја врачи наградата за Модна икона и тоа оправдано бидејќи е една од оние што знаат како од облеката да извлечат максимум и со неа да пратат порака.

„Џенифер Лопез ја користи облеката како начин да ја изрази својата самодоверба и моќ. Дизајнерите и нејзините обожаватели секогаш се радуваат на нејзините модни комбинации. Нејзиниот стил е уникатен, моќен и секогаш за памтење. Дизајнерите секогаш се радуваат на соработките со неа, без разлика дали е за на сцена или пак за некои приватни моменти", изјавија тогаш од CFDA.

Гледано наназад, тропскиот фустан на „Версаче" од 2000 година е еден од пресвртните моменти за неа во модна смисла. Тоа веројатно беше  клучниот момент кога медиумите почнаа повеќе внимание да обрнуваат и нејзиниот стил.

Она што е интересно за Џенифер во овој контекст е што не може да се рече дека драстично се менувала, но ниту пак останала иста. Со секое појавување таа привлекува внимание.

Ја гледавме и со долга права коса, но и со кратка и кадрава. Исто така, заедно со Бијонсе, придонесе за популаризирање на таканаречените „голи фустани".

Од друга страна, свесна за својот изглед, не се лиши од ултра кусите фустанчиња и здолништа.

„Зошто не ми е дозволено да бидам секси? Затоа што сум мајка!? Па како мислите дека воопшто сум ги добила моите деца? Сепак, не би сакала никогаш тие да се срамат од мене и од моите дела. Сметам дека тоа што го правам за нив дома е поважно од сѐ. На крајот на денот, тие повеќе се грижат за тоа јас да си дојдам дома, да се прегрнеме и да останеме заедно, отколку за тоа колку секси сум била во некое видео. Не велам дека за 10 години нема да ме прашаат зошто го направи тоа, но знам и дека тогаш повеќе нема да ги правам овие работи можам да ги правам сега“, изјави во една пригода Лопез.

Нејзините соработници ќе речат дека иако нема факултетско образование е една од најпаметните жени што ги запознале. А за да создадете таква имеприја за(д) себе е секако одраз на интелигенција, работа и посветеност.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Jennifer Lopez (@jlo) onMay 3, 2020 at 8:18am PDT

 

Затоа, денеска таа со гордост ги истакнува своите години, бидејќи за неа не претставуваат никакво ограничување. Тоа го покажува во секоја сфера, па и во модата.

Во галеријата видете како нејзиниот стил се менуваше низ годините.

Објавено:
24 јули 2020
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
6.481 пати