Фарел Вилијамс: Вистинско олицетворение на модерниот маж на денешницата

9 јануари 2014

Тој е сосема едноставен во секојдневните изданија, но токму кога помисливме дека фармерките и маичките се неговиот заштитен знак, Фарел Вилијамс се појавува во елегантен костим. Тој е миленик на големите модни куќи како Ланвин, Марк Џејкобс, Ралф Лорен, Шанел и уште многу други.

Вистинска инспирација за секој маж и олицетворение на шик модата на денешницата. Тој ги обожува принтовите и лежерниот стил, со што уште еднаш покажува зошто многумина му го даваат епитетот на стилска икона на 21 – от век. Шармантниот пејач ужива во секоја комбинација што ќе ја одбере и знае одлично да ја носи.

Во неколку наврати тој изјави дека сака на секоја комбинација да и даде свој, посебен печат независно од модните трендови од кои го одбира исклучиво она што му одговара.

Како голем обожавател на модата, и самиот почна да дизајнира своја колекција уште во 2005 – тата година во соработка со јапонскиот диџеј и дизајнер Нига. Тие заедно направија одлична колекција на стрит облека чии обожаватели станаа некои од највлијателните луѓе во музиката. По успешната соработка, во 2009 – та година, Фарел ги здружи силите со Монклер и создаде линија очила за сонце чие заштитно лице беше самиот тој.

Назад во 2000 – тата тој направи вистинска револуција како во рап музиката, така и во машката мода кај пејачите. Широките панталони и модерните стрит капи беа омиленото парче на пејачот во тоа време, по што истите веднаш станаа ултра популарни и кај останатите пејачи.

Промоцијата на брендот „A Bathing Ape“ што е особено видливо во видео спотот „Change Clothes“ разбуди неверојатен интерес кај многумина за јапонските модни брендови што тој одлично ги презентираше.

Низ годините паралелно со трансформациите во музиката, се менуваше и стилот на пејачот. Кожените јакни, шеширите и капите, пеперутка вратоврските, кардиганите и бундите се само дел од стилот што Фарел почна да го обожава.

И денеска, пејачот има еден од највпечатливите стилови што многумина го копираат. Тој дефинитивно знае да го носи секое парче што ќе го одбере и да стави нешто свое во секоја комбинација.

Тотално шармантен и неверојатно интелигентен, Фарел Вилијамс е една од машките модни икони на денешницата вредна за споменување, а ние го обожуваме бидејќи е едноставно happy!

Објавено:
9 јануари 2014
Категорија: 
Модна икона