Како Џеки Кенеди го менува стилот по животот како Прва дама

28 јули 2022

На денешен ден во 1929 година е родена Џеки Кенеди. Уште пред официјално да стане Прва дама на САД во 1961 година кога нејзиниот сопруг Џон Кенеди седнува на главната фотелја во овалната соба на Белата Куќа, таа веќе била стилска икона која наметнувала трендови и имала големо влијание во американската мода. Разбирливо, со улогата на Прва дама добива уште поголем публицитет, а за дизајнерите било привилегија да соработуваат со неа. Меѓу таквите биле Убер де Живанши, Кристијан Диор и Коко Шанел кои имаат исклучително значајна улога во нејзиното профилирање како безвременска икона на стилот.

Таа стана симбол на американската елеганција, а со нејзиното појавување како Прва дама, инаугурацијата доби и уште една, модна димензија, надминувајќи го нивото на политички настан.

Белата тоалета без ракави изработена од шифон навезан со брилијанти вткаени со сребрен конец е креација на Етел Франкау од Бергдорф, по предлог на Првата дама. Она што ја издигна Џеки како модна икона на инаугурацијата, беше токму белата наметка која стана вистинска инспирација за многумина во идинина.

Розовото Шанел одело од твид што го носеше на трагичниот ден во 1963 година, кога беше извршен атентатот врз нејзиниот сопруг, е посебно парче историја, и има посебен фокус на разработка во биографската драма „Џеки" од 2016 година, каде ликот на првата дама го портретираше Натали Портман.

По смртта на Џон Кенеди, Џеки веднаш заминала од Њујорк. Нималку лесно, за неа почнува ново поглавје во животот кога постојано била следена од папараци и заедно со нејзините деца имале потреба да биде заштитена нивната приватност.

Тоа ќе ѝ го овозможни Аристотел Оназис, грчки бродски магнат, со кого Џеки стапува во брак во 1968 година. Тоа значи и нова ера во нејзиниот личен стил.

Тогаш Џеки открива нова страна од својот имиџ. Диско естетика, блескави макси фустани, бохо дезени ќе донесат свежина во нејзиниот плакар, а таа вешто ќе ги интерпретира во својата улога на моден камелеон.

И уште еден битен моден момент од тој период: предимензионирани очила за сонце кои ќе станат нејзин заштитен знак.

Во 70-те, вдовица по втор пат, Џеки ќе се посвети на својата кариера како книжевен уредник, а тоа ќе диктира изразена деловна нота во нејзиниот стил. Предимензионираните машки одела (модна референца која важи за тенденција и денес) ќе станат задолжителни во нејзиниот плакар. Панталони, блејзер, кошула и марама како акцент, ќе станат нејзината модна униформа, во која многумина се огледувале.

По нејзината смрт во 1994 година, останува силно присуството на Џеки Кенеди, како безвременска инспирација што одново и одново го храни креативниот дух не само на модните дизајнери, туку и на филмските сценаристи, на писателите, уметниците, па и на модните ентузијасти и вљубениците во нејзиниот стил.

 

Објавено:
28 јули 2022
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
567 пати