Стилски времеплов на најдоминантните машки икони

11 ноември 2014

Досега низ медиумите често се споменуваа препознатливи имиња преку кои фановите се поистоветуваат, но сепак креативноста не значи ограничување на одреден стил или имиџ, туку трагање по индивидуалноста, во сосема различни сфери. Во тој контекст, знаеме дека сте импресионирани од Стив Меквин, но сепак ќе ви понудиме десет стилски машки икони според листата на Esquire, чиј изглед може да ви послужи како инспирација за вашиот нов аутфит.

Питер Беард потроши голем дел од своето богатство патувајќи често во Африка, одејќи на забави, излегувајќи со супермодели и создавајќи уметност од начинот на живеење. Препознатлив беше по раскопчаните блејзери, кратките вратоврски и неформалниот начин на однесување.

Еден од најпознатите Афро – Американци, Џек Џонсон остана запаметен не само по боксерската титула која ја бранеше шест години, туку и по стилот. Покрај совршените одела, Џонсон беше познат по капутите со крзно, шубарите и шапките, со кои го комплетираше изгледот.

Дејв Дејвис, гитаристот на групата „The Kinks“ стана препознатлив по негувањето на „dandy“ стилот, односно кошули, панталони и палта во комбинација со несредена коса, влијание на психоделичниот тренд која беше ин.

Телониус Монк е еден од најпознатите џез композитори на сите времиња, а покрај професионалната идентификација, тој стана препознатлив и по својот стил, комбинација од елегантни одела, очила, шешири, златни прстени и синџири.

Сер Перси Хобарт, познатиот британски генерал ја стекна славата за време на Втората светска војна, а беше препознатлив по војничкиот стил, кој го практикуваше и во приватниот живот, во комбинација со беретка и мустаќи.

Џорџ Рафт остави печат со гангстерските улоги во класичните филмови, тотална контрадикторност од неговиот начин на облекување, односно негување на конзервативниот стил, со секогаш средени одела, вратоврски и замазнета фризура.

Стилот на Чарли Чаплин на филмското платно нема никаква поврзаност со приватниот стил. Познатиот Англичанец приватно носеше класични одела од Savile Row, во комбинација со елеци, машни и секогаш средена фризура.

Стилот на Бади Холи од денешен аспект може да се опише како безвременски и тоа благодарение на предимензионалните џемпери со интересен крој и впечатливите очила со дебели рамки.

Сер Ентони Иден е англиски политичар кој гласел за еден од најдобро облечените мажи на дваесеттиот век. Професионално носел црни одела, а приватно обожавал сакоа од твид, кравати и имал секогаш средени мустаќи.

Иан Кертис, вокалистот на Joy Division имаше уникатен стил кој беше комбинација од фармерки со висок струк, темни кошули закопчани до последно копче и капути, стил по кој остана запаметен по самоубиството во 1980 година.

Објавено:
11 ноември 2014
Категорија: 
Модна икона