Без сомнеж, фармерките се едно од омилените парчиња облека со приоритет во речиси сечиј гардеробер. Прво, поради нивната практичност и удобност, второ поради нивната едноставна копактибилност во различни комбинации, а трето поради тоа што со правилен избор може да ги носите за различни пригоди.
Иако работната канцеларија најчесто поставува помалку или повеќе флексибилен код во облекувањето, фармерките и покрај тоа што се нашето омилено „day off“ парче, сепак не се првиот синоним за деловна комбинација. Но, во продолжение ви посочуваме неколку основни модни трикови како џинсот соодветно да го прилагодите токму на вашиот секојдневен деловен изглед.
Светлиот тесен џинс комбинирајте го со маичка со ситен принт, кратко „шанел“ сако и чевли на средно висока потпетица во интензивна боја.
Воопшто нема да погрешите (се разбира доколку дрес кодот на вашето работно место е пофлексибилен) ако изберете ултра модерен искинат џинс со подвиткани ногавици и го комбинирате со струкирано сако во интензивна розова боја и класична бела кошула врз која ќе облечете џемпер без ракави изработен од пријатен природен материјал.
Темниот џинс со висок струк е секогаш сигурна варијанта. Одлично прилега со едноставна бела маичка и бело палто со средна должина. Ако сакате екстра удобна комбинација, тогаш најсоодветнен избор се балетанките.
Во денови кога имате динамични работни часови, одберете удобни фармерки - не премногу тесни и не премногу широки и спојте ги со лежерна бела кошула. Не претерувајте со аксесоари, доволно е едно впечатливо парче накит.