Ако минатото лето сите носеа куси панталончиња, ова лето веруваме дека тоа ќе биде кусиот топ. Како тренд се наметна уште минатата пролет-лето сезона, но според стручњаците, оваа се очекува да кулминира.
Имајќи го предвид фактот дека сите сакаат да носат нешто тренди, често не обврнувајќи внимание на тоа како тоа одредено парче прилега на нивното тело, во прилог даваме и пренесуваме неколку совети за тоа кој каков тип на топ може да носи.
Една од причините зошто ова парче облека стана толку популарно е затоа што жените секогаш бараат нов начин за да изгледаат секси, а сепак софистицирано. Можноста ја најдоа во кусиот топ, но погрешно избраното парче може да го направи ефектот спротивен.
Стилистот Сара Купер, задолжена за изгледот на многу познати холивудски ѕвезди истакнува дека носењето топ не значи дека цело тело треба да ви биде голо.
-Многумина се одлучуваат за длабоко деколте и минимална должина. Но, кусиот топ дава можност да покажете малку кожа и да ја задржите елеганцијата и класичноста. Ова парче облека им одговара на повеќето, ако правилно се комбинира и се одбере соодветно. Многу е важно да се одреди вистинската должина на топот, односно колку ќе дозволите кожата да ви се гледа, ако сакате да изгледате шик и едноставно истовремено, а не евтино. Прилагодете го трендот на вас, не го следете слепо - вели Купер.
Бидете скромни
Кусиот топ сам по себе е храбар избор, па нема потреба уште повеќе да се нагласува. Затоа, не комбинирајте никогаш кус топ со мини здолниште, на пример. Всушност и најчестите комбинации со кои се среќавате за ова парче облека е здолништето со висок струк и миди должина, а тоа е со причина. Всушност, панталоните или здолништето со висок струк им одговара на сите - и на послабите и на оние со облини. Исто така, предимензионираните топови се сигурен избор, затоа што нема да ги нагласат недостатоците, а ќе го постигнете саканиот ефект.
Истакнете ги облините
Кусите топови не се само за слабите девојки, иако повеќето веруваат дека е така. И крупните можат да изгледаат одлично во нив. Само, секако треба да се внимава. Ким Кардашијанс ги носи постојано, на пример. Она што е круцијално при изборот на севкупната комбинација е да и прилега на вашата фигура, што значи - да не ви се прават т.н „набори“ од виштокот од половината и кожата да не ви е висната. Во спротивно, кусиот топ само ќе ги истакне уште повеќе вашите недостатоци и наталожениот вишок.Исто така, дел од светските стилисти предлагаат комбинирање на широки топови со макси здолништа.
Целете кон вистинскиот крој
Обичното здолниште е најдобро парче за комбинирање на топ, но сепак важно е и здолништето да го прилагодите на телото. Пенкало здолништето изгледа одлично. Ако имате нерамнини, или премногу изразени облини во долниот дел од телото, тогаш овој модел може да е претесен за вас. Тогаш одберете рамно здолниште или за број поголемо, за да можете комотно да седнете и да се движите во него.
Самодовербата во преден план
Кери Вашингтон иако бремена се одлучи да облече здолниште со висок струк и топ и изгледа одлично, а во тоа и помага и самодовербата со која зрачи. Ако се чувствувате удобно и убаво во тоа што имате на себе, ако знаете како да го носите, тогаш сте завршиле голем дел од работата.
Атлетска градба
Вие сте едни од совршените кандидати за носење топ. Но, морате да додадете (визуелно) облини. Затоа фин избор за вас се панталони кои во горниот дел се „пумпарести“, односно со поголем волумен, фалти и сл, а во долниот ногавицата се стеснува.
Размислете за алтернатива
Ако и покрај совети се уште сметате дека топот не е добар избор за вас и не се чувствувате удобно, имате избор. Можете да одберете фустан со отвори од страните. На тој начин откривате кожа, но сепак стомакот ви е сокриен, а со тоа и недостатоците (доколку тој дел ви е слабост).