Облечете се соодветно за интервју за работа во различни професионални сектори

8 октомври 2014

Покрај тоа што важат неколку основни стандарди при комплетирањето на соодветниот изглед за интервју за нова работна позиција, сепак во различни професионални сектори се наметнуваат и различни принципи за тоа каква треба да биде вашата деловна, визуелна претстава пред другите.

Факт е дека покрај вашето формално образование, искуство, комуникациските способности и држење, со  добар процент во конечната одлука за вашата професионална иднина, влијае и првиот впечаток кој се базира и на изборот на облека кој во тој даден момент е многу значаен.

Разликите се основаат на нијанси кои пак ги диктира работната позиција за која аплицирате. Работно место во државна администрација и уметничкиот сектор, имаат сосема различно опкружување и професионални ангажмани, па според тоа важат и различни перцепции за стилскиот имиџ или дрес кодот на вработените.

Основните правила се: заборавете на длабокото деколте, строго забрането е  кратко здолниште, не претерувајте со накит и ексцентричност во било која смисла, а независно за каква работна позиција аплицирата, шминката треба да е неутрална . После ова, инспирациите се доста креативни:

Работата во канцеларија подразбира најчесто и формални состаноци, па затоа и вашиот изглед за првото интервју треба да се базира на формалност, што во никој случај не значи неинвентивност и монотонија. Напротив, актуелните трендови се во полза токму на деловниот имиџ, па изборот на минималистички парчиња, спортско-елегантни блејзери и сакоа како и различни, модифицирани варијанти на класичните панталони е богат и лесно адаптабилен во сечиј стил.

Доколку пак аплицирате за работна позиција во креативната индустрија, а тоа подразбира неформален работен однос кој е сведен на креативно творештво, тогаш и првото интервју за работа нека го следи вашиот креативен дух, што пак не значи да отидете во крајности. Преку интересните принтови и спојот со впечатливи детали, нека дојде до израз вашата креативна енергија, но тоа да не ја засени вашата примарна цел.

 

 

Ако пак, вашите амбиции се насочени кон модната индустрија, тогаш имате дополнителна одговорност да внимавате при изборот на вашиот деловен стајлинг за работното интервју. Во преден план треба да дојде до израз вашиот индивидуален и уникатен стил и да покажете дека имате цврст став во однос на вашата лична претстава за себе.

 

Објавено:
8 октомври 2014
Категорија: 
Направи сам