За точно да го одберете моделот на ремен кој најмногу одговара на вашата телесна конституција, треба добро да ги познавате сопствените пропорции, големата и ширината на струкот, но и да знаете да ја комбинирате и вистинската боја. Стилистите за оваа сезона велат воопшто да не се плашите да ги комбинирате ремените врз кардиганите, џемперите или пончата, бидејќи тоа е најмодерниот тренд оваа сезона. За да ви ја олесниме работата во поглед на создавање нови креативни комбинации во кои ќе биде вметнат и ременот како задолжителен моден додаток, еве неколку стилски совети како полесно да ги комбинирате.
Ремени за дами со кратко торзо
Доколку спаѓате во категоријата девојки со кратко торзо, тогаш треба да бидете екстра внимателни во изборот на ременот, за да го избегнете ефектот да го скратите делот меѓу градите и колковите уште повеќе. Идеални за вас би биле тенките ремени или ленти во боја, кои треба да ги поставите пониско од половината, со цел да ја издолжите. Избегнувајте ги ремените кои имаат задебелен изглед или пак дизајнот им е украсен со контрастни бои.
Ремени за дами со долго или издолжено торзо
Најдобрите ремени за вашиот вид на тело треба секогаш да бидат во спротивна боја од горниот дел на облеката што ја носите и да ги треба да ги поставите малку повисоко над половината. Изгледот ви дозволува да носите како тенки, така и помасивни, затоа не се ограничувајте во изборот. Како совет, секогаш трудете се ременот што ќе го одберете да соодветствува со бојата на вашите чевли, но да се разликува од бојата на блузата или кошулата.
Ремени за дами со рамна половина
Сите кои природата не ги надарила со тело во форма на песочен часовник и имаат рамна половина, најмногу имаат потреба од ремени, затоа што со нивна помош се добива стегнат и нагласен струк. Носете подебели ремени под половината, веднаш над делот околу колковите , за да создадете илузија на идеално обликувана половина.
Ремени за дами со тело во форма на јаболко
Широките колани можат да го дефинираат обемот на вашата половина, но не мора постојано да комбинирате такви во хоризонтална форма. На пример оние во V облик, можат да направат да ги имате посакуваните пропорции. Понекогаш не мора да значи дека дури и да го одберете најдобриот за вашето тело, тоа да има одлични резултати. Најважна е креативноста и храброста да се проба нешто ново и невообичаено. Ремените во асиметрична форма, исто така може да бидат супер решение што ќе ги скрие недостатоците, а ќе ја нагласи половината. Во однос на бојата држете се до потемните нијанси кои ќе направат да изгледате послаби.
Ремени за дами со тело во форма на круша
Кога имате широко изразени колкови, тенките ремени се ваша мала тајна. Треба да ги поставите околу најтенкиот дел на вашата половина. Бидете инвентивни и комбинирајте ги сите бои и нијанси бидејќи вашата конституција ви го дозволува тоа. Никако немојте да носите широк модел под половината, бидејќи тоа не ви оди во прилог.
Ремени за дами со тело во форма на песочен часовник
Ремените за вашиот тип на тело дефинитивно уште повеќе ќе ја нагласат и онака одлично обликуваната половина. Дозволете и на фантазијата буквално да ги рашири своите крилја и никако не се ограничувајте во изборот. Комбинирајте тенки и дебели ремени во сите бои.
Ремени за покрупни дами
Немојте да им верувате на стереотипите дека ако припаѓате во категоријата plus – size за вас е забранета употребата на ремени. Напротив, стилистите велат дека асиметричните форми и во V облик, можат да ви помогнат да направите вашиот стомак да изгледа помал. Ремените можете да ги носите и на колкови со што би го постигнале истиот ефект. Избегнувајте премногу тенки ремени, бидејќи тие не соодветствуваат со вашата градба.
Ремени за дами со ситна градба
Широките се дефинитивно аут ако припаѓате во групата дами со ситна градба. Тенките ремени, особено синџирчињата се одлични модни додатоци кои дефинитивно ќе го освежат вашиот изглед. Одете со избор на ремен кој е во приближна боја со горниот дел од облеката. Можете да ги носите и ниско на колковите и не мора моделите да бидат изработени од цврста конструкција, туку може и да се заврзуваат, да бидат метални или од друга интересна ткаенина која е флексибилна и може да се витка.
Ремени според големината на градите
Дами, вие не треба никогаш да заборавите да го поставите во однос на вашите гради. Избегнувајте да носите дебели ремени ако имате мали гради, меѓутоа носете масивни ремени со впечатливи токи доколку имате големи гради.
Ремени за фустани со полн глок или А-крој
Креациите, особено на фустани кои во својата структура имаат имплементирано ремен, се можеби најсигурната варијанта и наједноставниот избор. Во поголем број ситуации ваквите модели се шијат според конституцијата на самата клиентка и ретко кога може крајниот резултат да биде неуспешен. Предноста е во тоа што го избегнувате моментот на постојано закопчување или изместување на ременот бидејќи тој е вграден во креацијата и совршено ја нагласува вашата половина.