Рејчел Зое - сонувач, стилист и непобедлив естетичар

19 октомври 2013

Кога луѓето ќе посегнат по можноста да го работат она што им е страствена опсесија и кога ќе успеат во тоа, тогаш стануваат непобедливи во својата бранша. Амбициозната Рејчел Зое е совршен пример за сонувач кој успеал комплетно да се реализира во реалноста. Од голем фан на уметноста, особено на винтиџ и ретро трендовите, благодарение на својата упорност, амбиција и талент, таа станува еден од највлијателните модни стилисти во шоу бизнисот.

Својата кариера ја започнува како моден асистент во магазинот YM, каде за две години станува и моден уредник. По десетгодишна кариера во модниот свет, од Њујорк се преселува во Лос Анџелес, каде ќе влезе во најтесните елитни кругови и ќе успее како стилист на познатите холивудски трендсетерки: Линдзи Лохан, Миша Бартон, Никол Ричи, Кира Најтли, Камерон Дијаз, Џенифер Гарнер, Кејт Хадсон, Деми Мур, Ева Мендез, Ен Хетвеј и многу други млади дами кои секако имаат влијание во наметнувањето на својот стил кога се дефинираат светските трендови.

Во 2007-ма година Рејчел ја објавува својата прва книга, Style A to Zoe, додека во 2008-та започнува серијалот The Rachel Zoe Project, каде таа го пренесува искуството од работата со познатите ѕвезди позади сцена.

Подоцна ја лансира својата мини колекција од различни модни додатоци, чанти, шалови, капчиња, накит, како и очила за сонце.

Својата прва колекција со оригинални парчиња облека инспирирани од 60-те и 70-те години, конечно ќе ја презентира пред јавноста во 2011 година и истата го носи нејзиното име.

 

Објавено:
19 октомври 2013
Категорија: 
Портфолио