Жарко Терзиевски е 22-годишен студент од Скопје, кој слободното време го поминува уживајќи во своето хоби: изработка на релјефи во гипс.
Уникатните ракотворби се интересен избор за персонализиран подарок, затоа што пред сѐ се рачно изработени, а притоа може да пренесат и некоја лична порака или да меморираат некој значаен спомен.
„Техниката што ја користам при изработката се вика барелјеф или плиток релјеф. Ова го работам веќе девет години и имам изработено повеќе од 100 различни релјефи и неколку скулптури со различни мотиви и големини", ни објаснува Жарко.
Релјефите откако ќе се изработат се фарбаат со специјални бои кои потоа се лакираат за трајност.
„Љубовта кон ова хоби кај мене постои оддамна, кога на парче гипс го пресликав талентот што го поседувам. Сметам дека овие уникатни изработки се идеален подарок, што добива лична нота и посебно значење", додава тој.
Во зависност од комплицираноста на изработката, Жарко вели дека му се потребни ден или два за целосно комплетирање на едно дело.
„Со изработката на релјефи ќе продолжам и понатаму, но исто така сакам да пробам да изработувам и троделни релјефи. Тоа е техника која не сум ја работел до сега, но е навистина интересна и е посебен предизвик за мене", ни открива Жарко.
Во галеријата во продолжение погледнете дел од неговите ракотворби.