Веруваме дека и вам многу често ви се случило да купите некое парче накит со одреден симбол само затоа што тоа ви се допаднало, а всушност и не сте размислувале многу за неговото значење. Оние мистериозните мотиви кај симболите кај накитот, скоро секогаш имаат за цел да ни овозможат некаква заштита, да ни помогнат да се оттргнеме од сите оние надворешни лоши влијанија. Доколку се заинтересиравте и за останатите симболи за кои знаеме дека ги имате закачени како приврзок на некое ваше омилено ѓерданче, сега е вистинското време да го откриете нивното значење.
„Злобно око“
Ваквиот симбол не секогаш е поврзан со волшебништвото и магијата, всушност, тоа постои како симбол во многу култури низ светот. Можете да го носите како форма на заштита од злите сили, или пак едноставно да ги предупредите сите оние што сакаат да ве измамат!
Пентаграм
Ваквиот симбол е еден од најзначајните во волшебништвото (под претпоставка дека истото постои). Пентаграмот ја претставува примарната енергија во универзумот, обединувајќи ги сите пет елементи во едно – Водата, Огнот, Земјата, Воздухот и Духот во магичен круг.
Змија
Иако денеска тие се животните од кои многумина се плашат, змиите во минатото припаѓале на многу култури и имале огромно значење. Тие претставувале мноштво од позитивни работи како на пример плодност и заштитна енергија кај жените. Па така, доколку сакате да се навратите на корените, слободно можете да носите ваков накит и да се „фалите“ со неговото значење!
Син камен
Во пресрет на Ноќта на вештерките, ќе ви раскажеме една приказна. Во минатото, вештерките употребувале мноштво на кристали за прибирање на различни енергии околу нив, но синиот камен бил еден од најупотребуваните за позитивни мисли. Денеска, почестете се со накит со син камен што дефинитивно ќе ви го расположи расположението, па дури и ќе ви помогне со мигрените.
Полумесечина
Месечината е еден од најважните симболи на Планетава генерално – нејзиното движење од полна до млада и назад, се поврзува со циклусот на плодни денови на жената. Различните видови на месечина, претставуваат различни работи – носете полумесечина тогаш кога сакате да ја разбудите вашата креативност и да предизвикате нови случувања во вашиот живот!
Ритуален нож
Ритуалниот нож со кој всушност се одвивале многу обреди во минатото, денеска можеме да го видиме на различни приврзоци, прстени и друг вид накит. Она што е од особено значење да се потенцира е фактот дека неговата примарна употреба не е сечењето, туку сосема спротивно – тој има моќ да ја привлече и насочи целата позитивна магична енергија од универзумот.
Пирамида
Доколку не се пронајдовте во некој од горенаведените симболи, ние тврдиме дека сигурно дома имате накит во форма на пирамида со оглед на неприкосновениот тренд што се појави последнава година, барем кога станува збор за прстените. Триаголникот што ја претставува пирамидата, всушност ја преставува вистината, а се смета и дека секогаш правилно ја насочува енергијата кај луѓето.
Алхемични симболи
Алхемијата и волшебништвото се два различни поими, но познати се по тоа што и двете „култури“ имаат слични симболи. Вообичаено, овие симболи се претставени преку различни видови метали што се употребуваат во хемијата, но многу често тие претставуваат и апстрактни работи. Ја претставуваат моќта и силата со кои една жена може да располага, а за кои треба да се свесни сите.
Фукоово клатно
Примарната цел на клатното во минатото била да го посочи вистинскиот пат по кој треба да се движиме, барем кога го разгледуваме како симбол. Тоа исто така го претставувало и минувањето на времето, како што тоа денеска го прави часовникот. Многумина сметаат дека овој симбол е многу важен за доловување на аурата на другите.
Ние се надеваме дека барем малку ви помогнавме во осознавањето на симболите кај накитот и дека веќе од денеска истиот ќе го доживувате сосема поинаку!