Ѕирнете зад сцената на модниот перформанс за „ELigion“

9 октомври 2014

Fashionel имаше можност одблиску да проследи како се подготвуваше перформансот на Елена Лука за колекцијата „ELigion“, со тоа што ѕирнавме што се случува зад сцената непосредно пред модната ревија.

Токму тука вистински се чувствува целата возбуда и кулминира адреналинот, а во меѓувреме сите оние финални подготовки на фризурата, шминката, деталите се синхронизираат во приказната која како една совршена целина треба да биде презентирана на сцена, пред публиката.

Специфично во овој момент, во согласност со темата на колекцијата, фризурите беа заменети со екстремно урбани, зимски крзнени, рачно дообработени капи во форма која потсетува на „боб фризурата“. Па така, сите манекенки беа „скриени“ под ист идентитет: моќна, мистична, храбра и авангардна жена, благодарение на овој моден детаљ кој во суштина беше и заштитен знак на „ELigion“.

Шмниката исто така го следеше сензибилитетот на мистиката: бледи лица на кои единствено беа потенцирани усните.

Особено вниманието го привлекуваа специјално изработените чанти кои го усовршуваа комплетниот визуелен печат, во квадратни форми кои наликуваа на кутии полни со фантазија, сите со златни рачки и обложени со еко-крзно и еко-кожа во црна и бела варијанта, збогатени со сјајни, металик преливи.

Покрај футуристичките чанти, специјално за оваа колекција беа изработени и чевли и чизми. Видовме неколку различни модели од високи до колена, рачно обработени  со акцент на делот со плетената техника и контарстот со златно обоената кожа, до такви до глужд, со висок сјај и контурирани со златен лак.

Во продолжение ви ја пренесуваме атмосферата од зад сцена.

 

 

 

 

Објавено:
9 октомври 2014
Категорија: 
Модни додатоци