Сега откако временските прилики го насочуваат курсот од изборот на облеката, ред е предност да им дадеме на најтоплите аксесори како шаловите, капите, ракавиците. Тие се незаобиколен сегмент од стајлинзите за зима, а особено ни се драги кога се специфични во поглед на формата и текстурата. Минатата сезона повеќето девојки и жени најмногу ги применуваа крзнените руски шубари, за оваа есен-зима ви сугерираме да се подновите со крзнен шал или наметка.
Овој додаток ќе биде одличен за финален стилски печат на вашиот капут, зимска јакна, мото јакна, а перфектно компактен е за „глам“ изглед со свечена тоалета.
Освен комерцијалните етикети, вакви уникатни крзнени решенија видовме и од македонските дизајнери, а посебен впечаток ни оставија крзнените наметки од колекцијата ELigion на модната куќа Елена Лука. Веруваме дека инстантно ќе се заљубите во нив!