До каде може да оди дизајнерската фантазија за да се оствари крајната цел? Дизајнерот Крис Кембел изработи оригинални чевли со висока потпетица и балетанки кои верувале или не, се инспирирани од слаткото царство на колачите и тортите. Креаторот прво нацртал десетина модели на женски обувки кои што имаат дизајн на торта, колаче, сладолед и слични слатки задоволства.

Се решил за ваков подвиг, бидејќи според него, чевлите и слатките се најголемите „пороци“ на секоја жена. Веќе не морате да избирате помеѓу нив, можете без грижа на совест да ги поседувате и двете. Тродимензионалниот аспект што дизајнерот го користи како декорација, остава впечаток дека на вашата потпетица има „вистински“ цреши кои што ве повикуваат да се послужите. Чевлите изгледаат толку вистински што дизајнерот вели дека постојано добива пораки од луѓето кои го прашуваат дали можат да се јадат.

Чевлите изгледаат толку реално бидејќи се украсени со вистински пекарски алатки, а за изработка на еден пар чевли на Крис му се потребни од две до четири недели.

Кембел има сопствена продавница „The Shoe Bakery“, а на полиците може да се види богата понуда на чевли со платформа, но и класични модели на потпетици, како и балетанки. Највпечатливи се белите салонки во стилот на Пепелашка.

„Идејата за изработка на ваков тип чевли, произлезе од мојата огромна љубов кон тортите и колачите, но и од мојата креативна фантазија. Еден ден решив да ги спојам талентот и љубовта кон слатките и да создадам нешто ново што ќе ја одбележи женската мода и така се роди „The Shoe Bakery’“, објаснува 29-годишниот Крис Кембел од Орландо.

Објавено:
8 март 2014
Категорија: 
Модни додатоци