Здравко Чолиќ: Црно одело е синоним за мажествeност

24 октомври 2018

После четири години, Здравко Чолиќ му се враќа на Скопје. Ние ја имавме честа да го сретмене и да се запознаеме на снимањето на емисијата „Еден на еден“.

Кога ќе го видите шармантен, расположен и во одлична форма, сосема е јасно зошто каде и да се појави има редица од обожаватели, што беше и вчера случај.

Нашиот краток разговор започна со неговите први посети во Скопје.

„Првото доаѓање во вашиот град ми беше во 1971 година, со „Корни група“,чиј член бев. Настапот беше во Универзална сала на „Скопски фестивал“, ја пеевме песната од Љубомир Бранѓолица, „Мој бол“. Веќе следната година, дојдов како Здравко Чолиќ – соло пејач, после моите почетоци во „Шлагер сезоне“. Секогаш со задоволство доаѓам тука, бидејќи ваква публика е секогаш инспирација.

Посебно се сеќава на концертот од пред неколку години на плоштад, кога настапуваше пред Sugarbabes и тоа пред публика од 120.000.

„Морам да признаaм дека ми беше симпатично што после мојот настап си замина половина од публиката. Скопје и Сараево се многу слични. Пред сè поради начинот на исхрана и желбата да се испие по некоја“, се пошегува пејачот.

Како и секогаш и овој пат остана доследен на својата елегантна појава. Црна кошула, панталони и сако во пастелно розова нијанса беа неговиот избор овој пат.

„Своевремено на сцената доминираше „глитер“, сјај, а сега тоа веќе не е во мода. Одело и маица се моја комбинација, бидејќи не можам да пеам во кошула, маицата ми дава можност за поголема комоција и можност за движење. Инаку, црно одело и бела кошула за мене е персонификација на маж, синоним за мажественост... Воедно, совршен избор кога треба да излезеш некаде, да се обратиш некому свечено... “, вели Здравко.

На двата концерти во организација на „Прагма продакшн“, ќе го промовира последниот албум, „Оно мало среќе“, а песната „Тебе чувам за крај“ е една од оние што посебно се издвоија.

За истата има и видео запис, а српските медиуми пренесоа дека во него се појавува неговата сопруга Сандра, бидејќи песната ѝ е наменета токму неа.

„Луѓето сешто ќе напишат :). Во спотот не се појавува мојата сопруга, но девојката е тој тип, русокоса и слична на неа. Ма, како да ја ставам жена ми во спот, нема шанси, тоа не би било морално од моја страна воопшто. Инаку, точно, малку потсетува, што всушност и е персонификација на режисерот токму за неа. Така што сето тоа е мошне симпатично, иако сопругата ми вели: „Ма, јас сум поубава од неа“, низ смеа раскажа Чолиќ.

 За претстојните концерти на 10-ти (кој е веќе распродаден) и 17-ти во ВИП Арена „Борис Трајковски“ ветува совршена забава.

„Порано не беше сè во парите, туку во квалитетот. Некогаш ќе заработиш, некогаш можеби и не, но таков е животот, тоа другото останува, не парите. И секогаш одам со таа цел. Ќе биде одлично, бидејќи навистина на концертите давам посебна енергија и едвај чекам да се забавуваме“, ни рече за крај пејачот.

А што разговараа Жаре и Здравко ќе гледате в недела, во 18.20 часот на „Канал 5“.

 

Објавено:
24 октомври 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.930 пати