Александра Јанева има нова песна: Навредлива порака ме инспирираше да ја напишам „Глумиме“

1 април 2022

„Глумиме“ е насловот на новата песна на Александра Јанева. Како вели, напишана е во еден здив.

„Испровоцирана“ од навредлива порака која ја добила на социјалните мрежи, заедно со композиторот Лазар Цветкоски ја создале песната, која веруваат ќе допре до секој слушател.

„Секој пејач кој често настапува во живо знае дека очите на публиката се постојано вперени во него и секој негов чекор буди најразлични чувства и поделени коментари кај нив. Инспирацијата за „Глумиме“ дојде после една необична порака која ја добив во инбокс, од лажен профил. Се насмеав на пораката и првото нешто што ми дојде на памет беше колку им е забавно на поединци да ѕиркаат во туѓи животи. И така почнав да си реплицирам, со рефрен за нова песна. Инаку за неколку дена и јавно сакам да ја објавам пораката која ја добив, сметам дека мојата публика треба да го види тоа“ - вели пејачката Јанева.

Со рефренот: „Сите можеме да глумиме и туѓи животи да судиме, но каков живот имаш ти, кажи ми?“ се појавила пред студиото на Цветковски и песната била создадена за кратко време.

Инаку Јанева и за оваа песна соработува со режисерот Ѓорѓи Вацев, а покрај неа, во спотот се појавува и моделот Илија Андов.

За потсетување, Јанева се врати на македонската музичка сцена по пауза од две години. На минатогодишниот „Макфест“ настапи со автобиографската балада „Денот што ни носи“, авторско дело на Лазар Цветкоски.

Преку „Денот што ни носи“ и „Глумиме“, Александра сака да покаже дека секој стих од нејзината музика е вистинска приказна и произлегува од емоциите кои ја обземаат. Како што вели таа, ова е само почетокот на нејзините неискажани приказни. Следуваат уште многу проекти кои ќе се најдат на нејзиниот втор албум.

Објавено:
1 април 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
356 пати