Арета Френклин - Силна и само своја

25 март 2014

Кралицата на соулот, Арета Френклин денеска полни 72.годиини, но роденденот го прослави изминатиов викенд, со интимна забава во кругот на своите пријатели и сакани во Њујорк.

Со своето присуство ја почести и актерот Дензел Вошингтон, а помеѓу останатите и долгогодишниот соработник Клајв Дејвис, како и раперот Андре 3000 и музичарот Babyface, со кои соработува на новиот материјал.

Оваа пејачка во 2012 година беше примена во куќата на славни, а покрај одличниот, незаборавен глас, таа е запаметена и по честите промени на изгледот.

Најчести сме можеле да забележиме во однос на фризурата, па ги направила речиси сите можни трансформации, од долга до куса должина на косата. Поради варирањето на килограмите, како и здравствениот проблем, рак на панкреас од кој успешно закрепна, голема варијација во стилот и нема.

1970

На почетоците ја гледавме како млада дама, за потоа да остане впечатлива со хипи нотата, но не може да се рече дека и елегантните и луксузни тоалети и се непознати. Во продолжение ќе погледнете како таа се менуваше низ годините. Но, без оглед на нејзините модни погодоци и грешки, гласот на Арета прави да заборавите на се останато.

2009

Сепак, во медиумите нема да се заборави фактот дека многу млада станува мајка, дури со 14 години. Второто дете го раѓа со 16, но и во двата случаја, таа никогаш не ги откри деталите, ниту пак децата знаат кој е нивниот татко.

-Знам дека тоа е себично, но тоа е тајна што ќе ја однесам во гроб - вели Арета, која не крие дека поради грешките во младоста, се каела со години подоцна.

-Кога бев помлада, а и сега, секогаш бев голем борец и не сакав да зависам од никого. Тоа не е лесно, но човек не ни знае на што се е подготвен и колкав товар може да поднесе додека животот не му го сервира. Моите синови се мој свет. Тие се моја сигурна лулка и драго ми е што сите се сакаат, иако не се од исти татковци. Ние сме како мала војска која се држи заедно и се бори како знае и умее во овој суров свет. Иако многумина тврдат дека сум храбра и неуништлива, да ги нема нив, веројатно до сега многу пати би умрела и би се предала, но тие со своето постоење никогаш не ми го дозволија тоа - искрена е Френклин.

 

Објавено:
25 март 2014
Категорија: 
Сцена