Дамите кои владеат на руската модна сцена

12 септември 2013

Москва се издигна во модна метропола која наговестува свои правила и трендови, а убавите Русинки се нови музи на голем број дизајнери и задолжителни гости на гала настаните. Сепак да се постигне имиџ на модна икона во Русија не е мал предизвик, а моментално владеат пет дами кои оставаат свој печат со секоја појава.

Викторија Давидова

Таа е главната и одговорна уредничка на руското издание на Vogue. Беше дел од тимот кој го издаде првиот број во оваа земја, а помогна во Русија да почнат да се издаваат и магазините Glamour и Tatler. Викторија е една од најпочитуваните уредници бидејќи има талент да препознае нови трендови и да ги задоволи потребите на читателите.

Жана Ромашка

Моментално живее во Милано, Жана е успешен фотограф и има свој блог наречен „Only stylish people“. Покрај тоа што нејзините фотографии често може да се најдат на разни сајтови и магазини и таа самата ги красела магазините со својот интересен стил.

Мирослава Дума

Позната е како Мира и е миленичка на голем број дизајнери и улични фотографи. Таа е модна новинарка која има дадено свој допринос во магазините Glamour и L’OOfficiel, а своето новинарско искуство го претвори во бизнис со отварањето на интернет платформата Buro 24/7. Сајтот за брзо време се прошири во голем број земји, а Мирослава има и хуманитарна организација наречена „Планета на мирот“ и соработува со познатиот московски  шопинг центар TSUM.

Елена Перминова

Таа е сопруга на контроверзен руски богаташ, модел и модна икона. Често може да се види во првите редови на голем број модни ревии, а заради интересниот стил често е дел од содржините на интернационалните магазини. За разлика од нејзиното минато кога позираше за магазинот Плејбој, може да се каже дека постигнала голем успех во модниот свет.

Улијана Сергеенко

Уникатниот бабушка стил за кратко време допринесе да стане познат моден дизајнер и своите креации да ги прикажува на модата недела во Париз. Нејзините модели се женствени и романтични и предизвикуваат носталгија за едно минато време.

Објавено:
12 септември 2013
Категорија: 
Сцена