Фустаните се прв избор во трудничкиот стил на Пипа Мидлтон

27 јуни 2018

Пипа Мидлтон се потруди во медиумите да сподели информации околу нејзината бременост, онолку колку што смета дека е потребно.

„Имав среќа изминатите 12 недели да ги поминам без утрински мачнини, што значи дека бев во можност да функционирам нормално како и до сега. Кога ги дознав среќните вести дека сум бремена, морав да прилагодам 4 од моите 5 неделни рутини. Морав ова да го сокријам и од мојот инструктор по вежбање, додека не поминат „ризичните месеци. Фанатик сум за спорт, па читав многу книги и на Интернет, што е најдобро да се вежба во бременоста, бидејќи би сакала да имам здрава бременост и секако породување и бебе. Но, исто така, би сакала и после породувањето да влезам во старите фармерки“, изјави Пипа кон почетокот на месецов, со што ги потврди гласините, без да открие дополнителни детали.

Британските медиуми секојдневно објавуваат за нејзиниот стил.

Пипа е позната по лежерниот стил и практичноста, а очигледно дека бременоста не го менува нејзиниот стилски израз.

Фустаните се избор број еден, што комплетно го отсликува она погоре кажаното. 

Неодамна е забележана во фустан на риги од J. Crew, еден од нејзините омилени брендови, кој има карнер во долниот дел на фустанот. Искомбиниран е со кафени сандали и чанта во слична нијанса со реси. Сосема летен и удобен изглед.

 

Претходно месецов беше забележана во кошула-фустан со црно-бел принт од брендот „Seraphine“ во комбинација со црни балентаки и чанта со долг ремен за преку рамо.

 

Кон почетокот на јуни исто така носеше уште еден фустан на J.Crew, со принт и на преклоп во горниот дел. Го искомбинира со тегет палто и бели патики. Удобноста е пред сè!

 

Во мај беше забележана во летни карирани панталони, во комбинација со сина маица, сако и балетанки во истата нијанса, а за време на „French Open“ сите зборуваа за цветниот црвен фустан од „Ралф Лорен“ кој го искомбинира со бели платнени сандали и шапка.

 

Истиот месец се појави и во корален фустан со везени апликации и црни балетанки, а на кралската венчавка на Хари и Меган, нејзиниот избор беше фустан во минт зелена боја, со плисиран дел во здолништето во беж нијанса, додека горниот дел е со цветен принт. Креацијата е од брендот „The Fold“ и беше предмет на бројни шеги, бидејќи многумина дезенот на фустанот ги потсети на дизајнот на лименки на една британска фирма за ладен чај.

 

Кон крајот на април пак, ја видовме во совршен минималистички комбинезон во беж нијанса, со ремен на половината кој се врзува во панделка, а во склад повторно со балетанки во кафена нијанса.

 

Комбинезон беше нејзиниот избор и месецов кога во Лондон беше одржан настан во чест на Параолимпијците што учествуваа на Зимските олимписки игри во Кореја. Свилениот комбинезон во сина боја е од брендот „Tephi London“, кој го услогласи со бело палто, беж чевли и обетки со реси во пастелна виолетова боја.

 

Инаку, Пипа и Џејмс Метју стапија во брак во 2017 година, а се во очекување на нивното прво дете.

 

фото извор: harpersbazaar.com; dailymail.co.uk;

Објавено:
27 јуни 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
935 пати