Какви барања им поставуваат ѕвездите на своите асистенти

5 ноември 2013

На каприците на оние кои успееја да се вивнат на ѕвезденото небо изгледа дека им нема крај. Голем број од ѕвездите од своите асистенти барале нешта кои како прво не биле наведени во описот на нивната работа и кои слободно можеме да ги окарактеризираме како чисто изживување и малтретирање, т.е мобинг.

 

 

Асистентката на Лејди Гага, Џенифер О’Нил, ја тужеше славната ѕвезда, поради неплаќање на прекувремено работење и откри многу „тајни“ кои на јавноста не и беа познати, а се однесуваат на приватноста на пејачката. Поранешната асистентка била со Гага 24 часа, седум дена во неделата. Исто така во склоп со нејзината работа таа требала и да спие заедно со ексцентричната пејачка, бидејќи пејачката не можела да спие сама.

 

 

Следна  е познатата манекенка со светска кариера, Наоми Кемпбел. Нејзината поранешна асистентка Ребека Вајт, има изјавено дека Наоми има навистина специфични барања, за кои вработените во било кој еминентен хотел во кој таа престојува треба да бидат известени недела дена пред пристигнувањето на моделот.

Во апартманот каде треба да преноќи Кемпбел мора да има запалено 25 свеќи со мирис на лилјан кои треба да се поставени на специфични места.

„Секогаш мора да има 5 свеќи во тоалетот, 10 во спалната соба и 10 во дневната“, вели Ребека.

 

 

На ред е приказната за ветеранот Френк Синатра. Имено неговиот батлер Џорџ Џејкобс кој во своите мемоари „Мр. С: Мојот живот со Френк Синатра“, открива дека секојдневно морал да ги прска со спреј сите места на главата на кои нема коса.

Се чини дека на голготите кои ги преживуваат асистентите кои се во служба на познатите им нема крај. Така, еден од нив изјавува дека морал да го снима пораѓајот на сопругата на позната ѕвезда, друг пат, пак дека требал да го поправа телевизорот, бидејќи на неговиот „газда“ не му се чекало да дојде служба и да го заврши тоа. Чистењето на кафезите на домашните миленичиња, како и носење на децата во летни кампови е исто така една од „работните обврски“. Но, најнеобичното барање е кога една ѕвезда го натерала својот асистент да зборува со нејзините мачки и да и каже што мислат.

Разгаленоста на ѕвездите изгледа нема крај. Апсурдноста на нивните барања го достигна врвот. Дали се работи за вистински желби кои според нив се „реални“ или само трка за тоа кој ќе направи поголема глупост не можеме да знаеме. Но, генералниот заклучок е дека тие ги исмејуваат своите асистенти на многу навредлив начин. Сигурни сме дека „идоли“ со вакви навики не би сакале да бидат пример за вашето дете.

 

 

Објавено:
5 ноември 2013
Категорија: 
Сцена