Кој ја налути Ана Винтур?

8 мај 2015

Уредничката на американскиот Вог, Ана Винтур, која се потпишува и како главен организатор на манифестацијата „Мет Гала“ што неодамна се одржа во Њујорк, е лута на дел од гостите кои не ги испочитуваа правилата што таа ги постави како кодекс на однесување пред започнувањето на настанот.

Не се работи за отстапување од  дрес кодот што оваа година тематски беше инспириран од кинеската култура, туку проблемот се однесува на тоа што Винтур пред  почетокот на настанот строго забрани гостите да се сликаат „селфи“ со своите мобилни телефони и фотографиите да ги објавуваат на социјалните мрежи.

Но, се разбира елитата не можеше да му одолее на предизвикот, па и оваа Мет Гала не помина без милион фотографии што инстантно беа објавени на социјалните мрежи.

Ана Винтур нема да го остави прашањето отворено, па се чека нејзината одлука дали следната година нема да добијат покана оние гости кои не се држеа до правилата на манифестацијата, а меѓу нив беа и: Мадона, Ким Кардашијан и Канје Вест, Кара Делевињ, Кендал Џенер, Лејди Гага и други.

Објавено:
8 мај 2015
Категорија: 
Сцена