Се чини дека последниов период најважната споредна работа во светот се модните недели, кои што буквално го окупираат целото медиумско внимание. За дизајнерите предизвик, за публиката задоволство и можност за промоција. Секоја ѕвезда или личност која што има некакво реноме и нејзиното име значи нешто во модниот свет сосема заслужено седи на стартните позиции.
Градот на светлината, Париз веќе два дена е домаќин на големото модно возбудување кое од првите редови имаат можност да го почувствуваат само привилегираните.
Изгледот на Алексис Мабил е стилски приказ за жените кои што се секогаш во движење. Нејзината модна приказна ни покажа како мудро да искомбинираме удобност со елеганција, а да изгледаме софистицирано, секси, опуштено и модерно. Токму нејзината креативност и интересните трансформации на женската силуета привлекоа многу љубопитни погледи, но и познати личности како Лилу Фољи, Паулин Дукрет, ќерката на Принцезата Стефани од Монако, актерот Енди Жиле и фотографката Елен вон Унверт, кои што ја имаа можноста одблиску да го проследат шоуто. Она што беше највпечатливо е кучето на дизајнерката кое носеше нејзина креација и нормално ревијата ја проследи директно од првите редови.
Модната куќа Дрис Ван Нотен ја обои вечерта на присутните во сите бои кои што некогаш сте можеле да ги замислите. Зимската колекција изобилуваше со смели и практични парчиња кои што праќаат порака на моќен шик изглед кој што е неверојатно фенси и модерен. Инспириран од острите графички форми, уметноста на сликањето рачно изработени апликации директно на парчињата и боите кои дефинитивно според овој дизајнер треба многу повеќе да ги има во зима, за да се постигне совршена хармонија и сивилото да биде разбиено со впечатливоста на нијансите. Демонстративната прецизност и инвентивниот начин на комбинирање на различни тонови, имаа можност да ги видат дел од најпознатите имиња во светскиот шоу бизнис и модната индустрија. Колоритноста и инвентивниот пристап на оваа етикета направи присутните да се чувствуваат неверојатно удобно и со широки насмевки на лицата.
Дизајнерската приказна на Герет Пју успеа да не однесе на патување низ далечниот Ориент, проткаен со футуристички мотиви и кроеви. Песочните изгледи и белите силуети надополнети со сребрени елементи потсетуваа на кралски наметки и воопшто не наликуваа на мрачните готско романтични линии кои сме навикнати да ги гледаме на модните перформанси на Пју. И оваа ревија беше проследена со големо внимание од страна на неколку познати личности. Специфично за првиот ред кај Пју беше присутноста на личности кои негуваат различни модни изрази, дел инспирирани од готиката, дел рокери, дел во опуштена варијанта, а дел во елегантни модели.
Најубавите жени беа собрани на модното шоу на брендот H & M во Париз, кое ја промовираше својата ready-to-wear колекција. Нивниот бренд амбасадор моделот Миранда Кер едноставно блесна во црн фустан изработен од брокат, тесен во половината со широко здолниште кое напред е пократко, а назад подолго, во комбинација со чевли на потпетица . Принцеза изгледот беше комплетиран со ѓердан изработен од блескави дијаманти. Друштво и правеа некои од најпознатите дами како трендсетерката Оливија Палермо, британскиот модел Џордан Дан, сестрата на најпозната поп пејачка Бијонсе, Соланж Ноулс, секогаш слатка и соодветно облечена, познатата актерка Џесика Алба и многу други.