Мухамед Али: Најдобриот замина на 74 години!

4 јуни 2016

Легендарниот боксер Мухамед Али почина на 74 годишна возраст после 32 години борба со Паркинсоновата болест. Медиумите известуваат дека тој починал мирно, а во моментот со него било најблиското семејство. 

Еден ден претходно, тој бил итно пренесен во болница поради проблеми со дишењето, кога и докторите го известиле семејството дека му остануваат уште неколку часа живот. 

Неговиот портпарол за медиумите изјави дека легендата ќе биде погребана во неговиот роден крај, Луисвил, Кентаки каде семејството веќе прави подготовки. 

„Тој почина мирно, со семејството покрај него, тие се едноставно скршени. Изгубивме голема личност вечерва...Сѐ уште нема официјална причина за смртта, но докторите велат дека истата настанала како резултат на компликации од неговата болест“, изјави портпаролот Боб Ганел. 

Тој ќе остане запаметен по неговите легендарни победи против големи боксери, бројните награди меѓу кои и златен медал на Олимпијадата во Рим во 1960 – тата година. 

Од неговите секогаш бестрашни зборови произлегоа големи цитати меѓу кои и „Float like a butterfly, sting like a bee“, по која ќе остане запаметен како еден од најголемите. 

Во текот на неговата кариера тој предизвика и голем број на контроверзии, меѓу кои и моментот кога во Виетнам одби да се бори поради што му беше одземена и претходно освоената титула најдобар во тешка категорија. 

Боксирањето беше она што подоцна во животот ја предизвика страшната болест со која се бореше уште од 1984 – тата година па сѐ до последниот ден од животот. 

Неговата ќерка Лајла, постојано говореше на бројни настани за болеста и за сето она со што нејзиниот легендарен татко морал да се соочи во текот на животот. 

„Тој е неверојатен борец, дури и во оние моменти кога навидум изгледа слабо. Тогаш е всушност најсилен. Без разлика на сѐ, тој сѐ уште се бори и јас го сакам токму заради тоа“, вели неговата ќерка која тргна по неговите стапки. 

Неговото здравје се влоши пред околу една година, кога итно беше префрлен во болница поради проблеми со уринарните патишта и бројни инфекции. 

Тој никогаш немаше проблеми да го сподели со светот она низ што поминал со Паркинсоновата болест со што сакаше да ја крене свеста кај светот за истата. 

Докторите ќе кажат дека болеста во неговиот случај се поврзува со бројните удари во глава што тој ги добил додека боксувал. 

Последен пат имавме можност да го видиме во октомври минатата година кога се појави на настанот на магазинот Sports Illustrated организиран во негова чест во неговиот дом во Кентаки. 

Легендарниот Мухамед Али, роден Касиус Клеј, ќе остане запаметен по неговите фантастични и борбени квоти, а дел од истите во негова чест може да прочитате во продолжение. 

-„Јас сум најдобриот. Го кажав тоа уште пред да знам дека ќе бидам“. 

-„Оној кој не е доволно храбар да преземе ризик, нема да постигне ништо во животот“. 

-„Она за што размислуваш, во истото се претвораш“. 

-„Ја мразев секоја минута тренинг, но си реков: Не се откажувај, страдај сега и живеј го остатокот од животот како шампион“. 

-„Ако соништата не ве плашат, значи дека не се доволно големи“. 

-„Оној кој нема имагинација, нема крилја“. 

-„Ништо не е невозможно“. 

-„Ако сонувате да ме победите, подобро разбудете се и извинете ми се“. 

-„Ако сакаш да си голем шампион, мора да веруваш дека си најдобриот. Ако не, барем прави се дека си“. 

-„Знам каде одам и ја знам вистината, не морам да бидам она што вие сакате да бидам. Слободен сум да бидам она што само јас го сакам“. 

-„Недостатокот на верба е она што ги спречува луѓето да се сретнат со предизвиците“. 

-„Нема ништо лошо во тоа да си доле, без разлика дали си во рингот или надвор од него... Она што е лошо е ако останеш доле“. 

-„Годините не се ништо. Ти си стар онолку колку што мислиш дека си“...

Објавено:
4 јуни 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
633 пати