Ние ќе ви понудиме сублимат од разни магазини спакувани во еден текст кој во целина ги става највпечатливите насловни страни.
Vogue Кина
Фотографот Микаел Јансон направи феноменална фото сесија која го издигна бохо трендот на едно повисоко ниво. За потребите на сликањето беа ангажирани моделите Натали Вестлинг и Кети Нешер, која ја краси и самата насловна страна на магазинот.
Vogue Холандија
Малгосиа Бела сними едиторијал за холандското издание на Vogue за чии потреби позираше пред фотообјективот на Анамарик ван Дримелен, а како стилист беше ангажиран Димфи Ден.
Vanity Fair
Шајлин Вудли блеска како холивудска ѕвезда на насловната на магазинот, а изборот на креацијата дополнително ја отсликува и самата идеја, односно таа позира во блескав мини фустан со длабоко V деколте, во вино црвена нијанса.
The Edit
Поранешниот модел на Викторија Сикрет, Миранда Кер постојано е дел од разни кампањи, едиторијали, но и насловни страни. Последна во низата е коверот за магазинот The Edit во соработка со Net-a-Porter.
Elle
Ана Кентрик полека но сигурно го гради својот статус во модната индустрија, а насловната страна за Elle е токму чекорот кој и беше потребен за да ја прикаже актерката како сензуална и успешна девојка на 28 годишна возраст, а не како ликот кој сите го паметме од вампирската сага „Самрак“.
Marie Claire
И покрај бременоста, Мила Кунис не застанува со своите ангажмани, а во низата, последна е токму насловната страна за Marie Clairе, кој според многумина ја претставува актерката во делумно заспано издание, а за тоа дополнително придонесува фокусот на нејзиното лице на целата предна страна, како и изборот на шминка.
Vogue Австралија
Уште една насловна страна на Миранда Кер, но во поинаков контекст. Овде фокусот е ставен кон креациите кои форсираат лежерност и сензибилитет со избор на пастелни нијанси.
Esquire Англија
Ова е според нас можеби и најдобрата насловна страна за месец јули. Божествената убавина на Чарлиз Терон прикажана низ црно- бела фотографија дава дополнителна драматичност во целиот концепт кој е дело на фамозниот Тери Ричардсон.
Glamour
Иако фустанот од Алтузара изгледа делумно конфузен, сепак изборот на нијансите и шминката придонесоа Кира Најтли да блесне на насловната страна на магазинот Glamour за месец јули 2014 година.