Како што и се очекуваше, првиот ден од дводневната свадба на светскиот тенисер број 1 Новак Ѓоковиќ и неговата свршеница Јелена Ристиќ помина во неверојатен гламур и луксуз.
Од она што можевме да го видиме од досега објавените фотографии, е дека славната двојка организирала неверојатна свадбена церемонија во која уживале нивните пријатели и семејствата на магичниот Свети Стефан.
Официјално, Новак и Јелена пристигнале на Свети Стефан вечерта на 8 – ми Јули, а вчера (09.07) се случила и големата журка која што била само најава за денешната свадбена церемонија.
Според планираното, денеска, во текот на целиот ден ќе се одржи големата свадба на плажа, а веќе во сабота, со што и ќе заврши церемонијата, Новак и Јелена ќе се венчаат во манастирот Прасквица над Милочер.
На прекрасниот Свети Стефан вчера пристигнаа бројни познати личности, гости на свадбената церемонија, меѓу кои и блискиот пријател на Новак, српскиот тенисер Јанко Типсаревиќ со неговата девојка Билјана кои при пристигнувањето, изгледаа навистина среќни и возбудени.
Специјално за нивната свадба, ресортот „Аман“ во кој се одржува свадбената церемонија е затворен за посетители, а на гостите при влезот им биле одземени и мобилните телефони со оглед на тоа што Новак и Јелена не сакаат никој да фотографира.
По желба на младенците, гостите не треба да носат подароци, туку парите што ги планираат, да ги донираат во фондацијата на Новак Ѓоковиќ.
Слободното време во текот на вчерашниот ден, Новак и Јелена го искористиле за прошетка по Свети Стефан, а го посетиле и местото каде денеска ќе го кажат судбоносното „да“.
Сите нивни пријатели и роднини ќе имаат можност да уживаат во убавините на Црна Гора сѐ до петок, кога и официјално ќе ја напуштат земјата, додека младенците и кумовите ќе останат за црковната церемонија.
Безбедноста сите три дена е на неверојатно високо ниво, а од вчера кон Свети Стефан не е можно да се стигне ниту по копнен, ниту по воден пат, а забрането е и надлетување со хеликоптер.
Полиција може да се види на секој чекор, а при влезот на самиот остров, поставени се и припадници на државната безбедност, како и противтерористички единици. Но, она што е особено интересно, е тоа што на локалните жители никој не смееше да им се спротивстави кога го поставија овој интересен транспарент.
Погледнете како изгледаа подготовките и пристигнувањето на гостите на, како што ја опишуваат српските медиуми, свадбата на векот!