Дури и ако во раните 90 – ти не сте биле обожаватели на мегапопуларната рок група Guns N’ Roses, во сеќавање сигурно ви има останато сцената од видеоспотот за песната November Rain во кој долгоногата нимфа облечена во асиметрична венчаница полека се приближува кон олтарот каде ја чека рок принцот.
Добро познатата приказна за убавицата и ѕверот, доби модерни актери, ангелското лице Стефани Сејмор и лошото момче Аксел Роуз се соединети во милионска продукција и преку екраните воведени во домовите на „обичните“ жени кои вперувајќи го прстот во екранот велеа: „Тоа е она што го сакам!“
Божествено недорпиливите, фантастично успешни и над сè контроверзни, супер девојките од 90 – тите за кои веќе се знаеме и денес се сметаат за гламурозен белег на времето кое живеело во духот на забавите во стилот на „Големиот Гетсби“, на кои алкохолот пред и после ревија течел како поток по пистата на која френетично трчале моделите кои не работеле за помалку од 10.000 илјади долари од ден. Стефани е карактеризирана како секс – бомба која зад себе има голем број насловни страни на најпопуларното модно списание Vogue, Sports Illustrated и рекламен договор со модниот бренд за долна облека Викторија Сикрет.
Успехот за тинејџерката од Сан Диего, дојде мошне брзо. Со само 15 години беше дел од натпреварот Elite Model Look и со својата појава ги фасцинираше најважните членови на жирито, меѓу кои Џон Казабланкас кој е сопственик на модната агенција Elite. Тој беше генератор на супермоделот, кој во тоа време под своја закрила имаше голем број ѕвездени имиња на манекенки. Стефани не победи на натпреварот, но, сепак Казабланкас беше опиен од нејзината убавина. Набрзо потоа тие двајцата започнаа љубовна врска и пред очите на јавноста и официјално започна блескавата кариера на Стефани Сејмор.
Првиот поголем и посериозен ангажман се случил во 1988 година кога Стефани се најде на насловната на американскиот машки магазин Sports Illustrated. Следниот месец следеше и најголемото признание во модниот свет, првата насловна страна за Vogue за која таа позира пред Ричард Аведон, фотографот кој со својот објектив ќе ја ќе ја обликува нејзината кариера и имиџ и ќе ја лансира неколку чекори повисоко во рамките на модната хиерархија.
Аведон бил фасциниран од нејзиното тело за кое сметал дека е совршено, а Сејмор му позирала со големо задоволство во серија провокативни фотографии кои и ден денес се продаваат на аукции. Аведон имал навика на да и доделува улоги и верно ја следел на сите снимања, а таа во потполност му се предавала, изработувајќи ги заедно со него едни од најголемите и најдобрите рекламни кампањи на сите времиња, вклучувајќи ја и онаа од 1994 година за модната куќа Версаче.
До 1991 година срамежливата девојка порасна во жена која сензуално заведува од насловната страна на Плејбој. Иако во тоа време одработи неколку значајни модни ангажмани, Сејмор и понатаму ги губи медиумските битки со Линда Евангелиста, Кристи Тарлингтон и Наоми Кемпбел. Се до моментот кога Аксел Роуз не го зема во раце фаталниот број на Плејбој со Сејмор на насловна и не посака да ја запознае таа убавица. За нивниот динамичен живот, полн со дрога, алкохол, сексуални ексцеси и физички пресметки, напишани се милиони текстови. Нивниот однос варира во две крајности љубов и омраза како и кај многу други фантастични рок двојки кои без разлика на манијакалното однесување, го привлекуваат вниманието на медиумите. Уредничката на Vogue, Ана Винтур во една прилика има изјавено дека шармот на девојките од 90 – тите е во тоа што тие се ѕвезди кои се во врска со супер ѕвезди. Сејмор одлично се вклопила во тој калап и остана во него додека врската со Роуз не стана неподнослива.
На Божиќната вечера во 1992 година, Сејмор и Роуз имале бурна расправија која резултирала со прекин на нивната и онака турбулентна врска. Потоа следуваа неколку тужби за физичко насилство, а Стефани како и секоја паметна девојка веќе си најде партнер кој е богат и кој тотално ги исполнуваше нејзините каприци и желби. Станува збор за медиумскиот магнат, архитект и страстен колекционер на предмети од современата уметност Питер Брент,кој лудо се вљубил во Стефани и решил да ја земе за жена.
Во декември 1993 година Сејмор, го роди првиот син Петар II, а Брент во 1995 година во Париз приреди свадба која ја одбележа годината. Невестата носеше рачно изработен фустан, дело на дизајнерот Азедин Алаја кој ја имаше честа да ја придружува до олтарот , а настанот беше опишан како самит на супермоделите на кој магичните газели танцуваа на подиумот облечени во тоалети Азедин Алаја.
Кариерата на Стефани Сејмор и понатаму беше во подем. Сними кампања за Луј Витон и Версаче Jeans, но психички имаше сериозни растројства бидејќи е растргната помеѓу поранешниот динамичен живот и овој новиот кој комплетно наликувал на животниот стил кој е опишан во филмот „Степфордските сопруги“. Во пакет со новиот брак следуваше поконзервативен живот во Конетикат, каде, сопругите не одат облечени во креации на Алаја, во мрежести чизми и мини здолништа туку во мошне формални и традиционални дамски комбинации. Во 1996 година се роди другиот син Хари, а во 2004 година на свет дојде и ќерката Лили Маргарет. Таа воопшто не се вклопувала во приказната на училишни приредби, печење колачи и родителски состаноци. Во една пригода како што е обичај со приватните училишта, Сејмор била поканета на школски час каде нејзината ќерка Лили Маргарет требало да го прочита својот состав во кој го опишува детството. Од црната лимузина, излегла Стефани облечена во црн коктел фустан, држејќи персиска мачка во своите раце, а децата од училницата заедно со нивните конзервативни и префинети мајки, останале шокирани од нејзината појава.
Секако дека друштвената изолација остави голема трага врз Сејмор. Во бракот со Питер Брент таа побожно ги собирала кутур креациите и ремек дела на обожаваниот Алаја, а на тој чекор ја наговорил нејзиниот сопруг, кој уште од почетокот на нивната врска сакал неговата принцеза да го има само најдоброто и нејзиниот плакар да се разликува од останатите припаднички од високото друштво во Њујорк. На својата импресивна колекција тоалети Стефани и посветила цел еден кат од раскошната палата, исполнувајќи ја со единствени и уникатни примероци кои и ден денес вредат цело богатство. Јавните појавувања биле се поретки и поретки, а во медиумите во главно се појавувала како домаќинка на многубројните забави на која најчести посетители биле богатите џет сетери. Брент, ангажирал многу славни уметници да направат портрет на неговата сакана сопруга, а скулптурата на Маурицио Кателано, инспирирана од нејзиниот лик, последователно е продадена за 2,2 милиони долари. Иако во сите магазини и списанија љубовната приказна на Стефани и Брент изгледала идилично се шпекулирало дека Стефани има озбилни проблеми со зависност од таблети и алкохол. Никој не се осудувал тоа да го пласира во јавноста се до моментот на медиумската бомба која е окарактеризирана како најлоша судска битка во последната деценија.
Бракоразводната парница, помеѓу Сејмор и Брант од 2009 година била права ноќна мора за бизнисмените и извор на сочни информации за таблоидите кои во оваа правна битка известуваа дека таа наликува како вистинска војна во Ирак.
Петар во јавните документи, кои ги има приложено и кај адвокат, ја обвинува својата мајка за конзумирање дрога, алкохолизам и неконтролирано трошење пари кои во просек месечно изнесувале 250.000 долари. Судската битка станува уште по непријатна после изјавата на Петар дека Сејмор веќе има посетено неколку третмани за одвикнување од претерано конзумирање на таблети. После ваквото јавно посрамување, Сејмор направила план и решила да удри по Брент таму каде што највеќе го боли, а тоа биле неговите уметнички дела кој вистински ги сакал дури и повеќе од своите деца. Моделот од вилата во Палм Спрингс изнела мебел и уметнички предмети во вредност од 700.000 долари, се што можело да собере нејзиниот џип. После година дена мачни судски битки, парот кон крајот на 2010 година ја шокираше јавноста со помирување. Шок за сите меѓутоа очекуван бидејќи Брент ја направил најголемата грешка во својот живот и се оженил со Сејмор без претходно да склучи предбрачен договор. Тоа во неговиот случај значи поделба на целиот негов имот кој вреди милијарди долари на два дела.
Од моментот кога дошло до помирување, гласините и злите јазици кои постојано ги коментирале Сејмор и Брент се стишиле. Фокусот се упатил кон нивните неверојатно разгалени синови Петар и Хари кои се окарактеризирани како глупави и невоспитани, мрзеливи принцови кои бесцелно лутаат низ Њујорк трошејќи ги парите на својот татко и привлекувајќи внимание облечени во мајкините маици на Алаја и Балман сакоа. Но нивниот татко бил секогаш тука за да ги прикрие и плати глупостите и непристојните работи кои ги правеле неговите синови. Животната приказна на Стефани Сејмор многу потсетува на книгата „Куќа на Кукли“ од Хенрих Ибзен. Се претпоставува дека вистинската тајна за животот на ова семејство најдобро ги знаат скулптурите и уметничките предмети во куќата, но тие се само неми украси, чии зборови никогаш нема да ја скршат глувата тишина.