Серена Вилијамс за Vogue: Мајчинството е како емотивен ролеркостер

11 јануари 2018

Тениската ѕвезда Серена Вилијамс заедно со нејзиното 4-месечно девојче Алексис Олимпија, се на февруарската насловна страна на американското издание на Vogue.

Во интервјуто за етаблираниот магазин, Серена за прв пат зборува за компликациите по породувањето, здравствените проблеми што првите шест недели ја „врзале" за кревет, за сите предизвици со кои се соочила, поради што нејзиното враќање на терен наместо во Јануари, се одложува за Март.

За Vogue, Вилијамс сподели дека Алексис Олимпија се родила со итен царски рез поради тоа што нејзиното срце чукало забавено. Но, кога конечно ја имала својата ќерка во раце, вели дека чувството било единствено, прекрасно, иако после тоа, Серена се соочила со здравствени компликации.

Ден по породувањето, Вилијамс започнала да губи здив како последица на белодробна емболија. Поради интензивното кашлање од белодробната емболија, раната од царскиот рез ѝ се отворила, а откако се вратила на операција, докторите откриле голем хематом, по што следувала комплексна терапија.
Таа во интервјуто вели дека мајчинството е како емотивен ролеркостер: Не знам колку пати сум се чувствувала скршена. Или ќе се разлутам поради плачењето, па ќе се растажам што се разлутив, а потоа ќе се чувствувам виновна за тоа, бидејќи си мислам - Зошто сум тажна кога имам прекрасно бебе?Емоциите се луди.

Нејзиниот сопруг и семејството ѝ биле незаменлива и суштинска поддршка, па во фотосесијата за Vogue што ја потпиша легендарниот фотограф Марио Тестино, Серена е фотографирана и со Алекс Оханијан, како и со нејзината мајка и сестрите.

„Многу ми е драго што имам ќерка. Сакам да ја научам дека во живото нема граници", додава тенисерката во разговорот за магазинот.

За потсетување, Алекс ја побара Серена за жена во декември 2016-та година, а веста за бременоста ја сподели со нејзините фанови во април минатата година.

 

Објавено:
11 јануари 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
762 пати