Кира Најтли беше една од најстилските трудници меѓу познатите. Не потфрли ниту на црвениот килим, а за сите добитни модни комбинации може да ѝ се заблагодари на нејзината долгогодишна пријателка и стилистка, Лејт Кларк.
Токму таа открива неколку совети за тоа како да изгледате добро и во текот на бременоста, кога телото сосема се менува.
„Неодамна и јас бев бремена, така што тој стил и начин на облекување ми беа свежи во главата. Најчесто луѓето не носат облека што им е удобна. А особено кога се работи за појавување на некој свечен настан, во случајот на Кира и црвен килим. Кога си во фаза на бременост, можеш да си го дозволиш спротивното, да носиш удобна и „слободна“ облека. Во овој период од животот облеката многу помага за тоа да сакате да се движите, да ги правите нештата што сте ги правеле и претходно, а да се чувствувате прекрасно, силно. Не „заглавено“ и стегнато – вели Кларк.
Таа додава дека има многу парчиња што со мала корекција може да се носат за време на бременост.
-Мислењето дека морате да носите облека што ќе го следи телото е погрешно. Не морате да носите „фит“ облека, затоа што мислите дека така нема да изгледате многу крупно. Ако нешто широко ве прави да се чувствувате удобно и слободно во сопственото тело, тогаш носете го тоа. Многу е подобро да носите широка облека, а да се чувствувате убаво, со самодоверба, отколку да носите нешто тесно и да мислите постојано на килограмите, а притоа да не се чувствувате добро. Токму тоа го направив и јас со Кира. Таа ми веруваше и покрај тоа што ја облекував во широки фустани. Повеќето ги направивме и без проба. Само ќе ѝ речев: „Ова е фустанот“ и тоа беше тоа. Ми беше многу драго што можев да ја направам среќна! – потенцираше стилистката.
Тие се и другарки и соработнички со години, па Лејт веќе добро знае што ѝ прилега на Кира и во што ќе се чувствува убаво.
-Првата наша деловна соработка беше за премиерата на филмот Atonement. Кира беше многу среќна, сите ја забележаа во фустанот, доби многу пофалби. Но, она што беше најважно е што таа се чувствуваше удобно и среќно и не сакаше да ја соблече. И целта на тоа што го носите е токму таа – креацијата да придонесе вечерта да ви биде уште поубава, а не во неа да се чувствувате ограничено и стегнато – советува Кларк.