Војникот што ја придружуваше Лејди Гага на инаугурацијата: Бев импресиониран колку е искрена

8 февруари 2021

Фотографијата од Лејди Гага и војникот пред да излезе на сцена и да ја испее американската химна на инаугурацијата на Џо Бајден беше вирална.

Првично, планот бил Гага сама да излезе на подиумот, но кога организаторите виделе дека фустанот што го носи е огромен, во последна минута се одлучиле да излезе со придружба, а 30-годишниот капетан Кемпбел бил одбран за таа задача.

Покрај изгледот на Гага, многумина зборуваа и за хемијата што се гледа на фотографијата помеѓу нив двајца, а од  „Милитари Тајмс“ ја пренесоа приказната на капетанот, кој откри како изгледале минутите пред настапот и каков впечаток му оставила пејачката:

„Бев импресиониран од нејзината искреност додека бевме внатре. Постоеше сериозна загриженост за тоа како Лејди Гага ќе чекори по скалите во тој прекрасен, но голем фустан. Пред да излеземе се насмеавме, а таа ме погледна и ме предупреди: „Имаме еднакви шанси да се сопнеме од ова““, раскажува војникот.

Инаку, тој секако знаел која е Лејди Гага, но не бил обожавател на нејзината музика. Но, откако го видел нејзиниот настап и интеракција со сите на сцената, вели сега е „обожавател на Лејди Гага како личност“.

„Таа им се заблагодари на припадниците на полицијата и војската кои беа присутни дента и кои ја видоа додека чекоревме до сцената. Бев шокиран колку беше нервозна пред настапот, со оглед дека зад себе има бројни концерти, турнеи. Ми кажа дека ова е веројатно најголемиот ден во нејзиниот живот и дека навистина сака да пее за сите Американци. Беше неверојатно да се слушне тоа и од аспект на човек, но и  како припадник на војската, и како некој што положил заклетва дека ќе ја брани својата земја, навистина ме допре начинот на кој се подготвуваше да ја испее химната“, вели тој.

На крајот, капетанот откри дека пред самиот настап ѝ упатил неколку охрабрувачки зборови и на барање на пејачката, двајцата се помолиле пред да излезе на сцена.

 

Објавено:
8 февруари 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
17.649 пати
Тагови: 
Лејди Гага