Измината сабота Американската академија за филмски уметности и науки, беше домаќин на шестите по ред Гувернерски награди 2014, кои се загревање за големото доделување на оскарите. Најпознатите актери во Холивуд традиционално се собраа во балската сала Реј Долби, од каде се доделија три значајни награди: почесна награда од Академијата, Жан Хершолт, награда за хуманитарно дело и меморијалната- Ирвин Талберг.
Пејачот и актер Хари Белафонте ја доби хуманитарната награда, која минатата година и беше доделена на Анџелина Џоли. Почесниот Оскар му беше врачен на францускиот актер и сценарист Жан Клод Кариер како и на јапонскиот режисер Хаиао Миазаки, а меѓу наградените беше и ирската актерка и пејачка Маурен О’ Хара.
Свечената вечера беше комплетно во знакот на холивудскиот гламур, а присутната елита се појави во најелегантното модно издание. На црвениот килим зачекорија едни од најпознатите актерски имиња меѓу кои: Тилда Свинтон, Џенифер Анистон, Рис Витерспун, Џесика Честејн и многу други. Отменоста од стајлинзите беше сведена на формални и елегантни комбинации, потпишани од големите модни великани.
Актерката Кира Најтли на себе имаше црна асиметрична тоалета од последната пролетна колекција за 2015 година на Нина Ричи. Таа се одлучила за интересен спој од боите на аксесоарите. Темно зелените салонки на висока потпетица одлично ги комбинирала со дискретните зелени обетки, кои контрираа на минималната шминка од нејзиното лице.
Тилда Свинтон уште еднаш пред јавноста ја потврди својата специфична селекција за парчиња од црвениот килим. Свинтон имаше светкаво колоритно виножито на макси тоалета од котур колекција на брендот Скјапарели. Тилда не би била своја доколку на себе нема нешто необично. Овој пат тоа беше нејзината драматична волуменозна фиризура во вид на кадрава панкерска четка.
Џенифер Анистон вниманието на медиумите дополнително го привлече со вереничкиот прстен чиј драгоцен камен блескаше на нејзината рака. Сосема доволен момент за да почнат шпекулациите за нејзината втора венчавка. Анистон на црвениот килим се појави во друштво на нејзиниот свршеник Џастин Терокс. Двајцата на себе имаа елегантни и темни комбинации. Тој во црн костум споен со бела кошула, а таа во миди фустан од богата тантела, креација на оригиналниот Зухаир Мурад.
Русокосата Рис Витерспун избра креација на Ралф Лорен. За разлика од останатите таа се издвојуваше со романтична и женствена тоалета со во смирени линии од кројот, кој ја нагласи нејзината нежна природа.
Покрај Тилда Свинтон и шармантната француска актерка Марион Котијар воодушеви на црвениот килим со интензивно црвена тоалета од висока мода на Диор од 2013-та година. Специфичната конструкција од формата на креацијата ја направи актерката уште помаркантна, иако целосниот изглед беше заокружен со една дискретна сребрена алка, строго собрана коса и минимална шминка.
За разлика од дамите, припадниците на посилниот пол не експериментираа и се потпреа на сигурните комбинации од класичен црн костум споен со бела кошула.
Инаку, првата церемонија од Гувернерските награди е одржана на 14-ти ноември 2009 година во склоп на примарната церемонија на Американската филмска академија.