Златни глобуси: Вечер на филмска романса, магични фустани и милионски насмевки

11 јануари 2014

Во 1943 -тата година мала група писатели ја формираа „Холивудската медиумска асоцијација“, за веднаш потоа да следи и осмислувањето на наградата наречена едноставно - „Златен глобус“.

Актерите од филмот Клетници - апсолутни победници минатата година Актерите од филмот Клетници - апсолутни победници минатата година

Само една година подоцна, во 1944 – тата, се случи и првото гламурозно доделување на овие награди каде им беа доделени признанија на најдобрите остварувања во филмот и телевизијата.

Оттогаш, „Златните глобуси“ претставуваат вечер на големи очекувања за сите, како бројните актери, продуценти и режисери, така и публиката пред малите екрани која навива за своите фаворити.

Овогодинешното издание на наградите „Златен глобус“ ќе се случи утревечер, на 12 Јануари, традиционално во Беверли Хилтон хотелот во Беверли Хилс. Уште еднаш, тоа ќе биде вечер на извонредни филмски остварувања, признанија и награди за најдобрите, мода за која ќе се раскажува години подоцна и шеги што долго ќе се вртат по социјалните мрежи.

Актерките Тина Феј и Ејми Пулер - овогодинешните водителки на настанот Актерките Тина Феј и Ејми Пулер - овогодинешните водителки на настанот

Страсните вљубеници во филмот и модата годинава имаат големи очекувања. Со филмските остварувања како American Hustle, Blue Jasmine и The Wolf of Wall Street каде покрај беспрекорната глума, можевме да видиме и некои од можеби најдобрите костими за филм било кога направени, сосема е нормално да се зголеми и прагот на очекувања.

Актерите од филмот American Hustle Актерите од филмот American Hustle

Сандра Булок, Кејт Бланшет и Леонардо ди Каприо се актерите на кои се ставени сите облози. Покрај тоа што сите очекуваат тие дома да си заминат со најмногу награди, очекуваат и достојно да ги одиграат и улогите на црвениот ќилим во комбинации за паметење.

Сцена со Леонардо ди Каприо во фаворитот - The Wolf of Wall Street Сцена со Леонардо ди Каприо во фаворитот - The Wolf of Wall Street

Што се однесува до модата на „Златните глобуси“ години наназад, врежани во сеќавањата на многумина се неколку фустани на големите актерски имиња како Мерилин Монро, Одри Хепберн, Шарлиз Терон, Анџелина Џоли и неколку други.

Секоја елегантна и шармантна на свој начин, знаеше да го носи одбраното како никој друг и да се истакне од океанот актерки, пејачки и што уште не, кои се бореа да бидат забележани од камерите. Па кој може да го заборави белиот свилен фустан што Одри го носеше кога ја прими наградата во 1990 – тата година?

Или пак, сирена фустанот во темно сина боја со кој неодоливата Шарлиз Терон ги остави без здив сите присутни на доделувањето на наградите во 2005 – тата година? Во 2011 – тата Анџелина Џоли беше вистинска убавица во смарагдниот долг фустан на Валентино што и стоеше како да нема ниту една маана.

Младата Џенифер Лоренс која модно ги освести нејзините колешки и стана миленичка на модната куќа Валентино за многу краток период, на минатогодишното издание на „Златните глобуси“ беше вистинска бајка за очите. Таа се појави во црвен долг фустан со ремен на половината на Диор за кој се говореше долго потоа.

И додека минатата година на црвениот ќилим на доделувањето на наградите доминираа црвената и белата боја на свечени тоалети, оваа година тоа е тешко да се предвиди. Што се однесува до дизајнерските имиња чија креација ќе се одлучат да носат актерките, Валентино, Ели Сааб, Армани и Диор се оние на кои најмногу се типува.

Креација на Диор за која многумина типуваат дека е изборот на Џенифер за оваа година Креација на Диор за која многумина типуваат дека е изборот на Џенифер за оваа година

Без разлика на тоа што и да одберат, ние сме сигурни дека она што ќе се случува утревечер ќе ни даде доволно материјал за воодушевување и полни раце работа.

Нашите фаворити кога станува збор за наградите, без размислување се прекрасната Џенифер Лоренс за која имаме големи очекувања, шармантниот Бредли Купер, романтичниот Леонардо ди Каприо, неверојатно стилската Кејт Бланшет и безвременскиот Том Хенкс. Како што не се сомневаме во нивната глума, истото е и случај со нивниот моден избор што го очекуваме утревечер.

Останете будни!

Објавено:
11 јануари 2014
Категорија: 
Сцена