Беретките се повторно во мода

6 ноември 2013

Армани, Шанел, Дона Каран и останатите модни куќи имаат јасна визија што би требало оваа зима да имате на главата.

Освен како заштита од студот, капата е и моден детаљ, затоа внимавајте што ќе ставите на главата. Судејќи по моделите кои можевме да ги видиме на модните недели ширум светот, изборот е богат.

Плетените модели се и понатаму популарни, а доаѓаат во најразлични бои и облици. Забележителна е и доминацијата на асиметрични форми, кои поради големината паѓаат од страна или позади.

Но, вистинска ренесанса доживуваат беретките, а Армани и Ралф Лорен претставија модели од трикотажа, крзно и штоф. Освен што речиси и да нема човек на кој не му прилегаат, тие се идеални за повеќе комбинации и пригоди.

Емилио Пучи предложи масовни капи, додека Шанел инсистира на класична дамска шапка од крзно.

Дона Каран стави акцент на шубарите, но во откачени бои.

Изборот е разновиден, па секој може да пронајде нешто за себе, но немојте по секоја цена да ја следите модата, туку изберете го тоа што му одговара на вашиот облик на лице и стилот на облекување.

 

Објавено:
6 ноември 2013
Категорија: 
Тренд