Со надоаѓањето на секоја нова сезона, обновувањето на гардеробата доаѓа како непишано правило. Но, при инвестирањето во нови модни парчиња, модните стилисти препорачуваат паметно и организитано пазарење како би се избегнало трошење на краткотрајни и неквалитетни парчиња облека кои само ќе придонесат до зголемено производство на отпад.
Наедно, планирањето на гардеробата е важно и при самото градење на вашиот стил, кој треба да е препознатлив и да го отсликува вашиот карактер и темперамент. На тој начин ќе ја збогатите вашата гардероба со безвременски парчиња кои ќе ви траат повеќе сезони и ќе ви заштедат финансии и време при следното планирање на изгледот.
Во прилог ви препорачуваме пет безвременски есенски комбинации како појдовна точка за градење на вашиот стил и гардероба.
Кариран блејзер и плисирано здолниште за на работа и за на кафе
За да бидете секојдневно дотерани за работа и состаноци, потребно е да инвестирате во квалитетни и стилски парчиња. Но во исто време, деловната комбинација треба да е и еднакво удобна. За таа цел можете да се одлучите за кариран блејзер бидејќи тоа е парче со кое не можете да погрешите. Во комбинација со мини плисирано здолниште и мокасини ќе добиете разигран аутфитсоодветен за на работа, но и на кафе во град.
Женското одело е класика со која нема грешка
Историски гледано, оделата се сметале за машка облека што означувала статус и биле дел од кодексот на облекување. Сепак, бидејќи модата е флуидна, денес сме сведоци на популарни женски одела за сите прилики. Тие се идеален избор за дневни и вечерни комбинации, а можете да го носите на деловни состаноци и во исто време за вечерно излегување. Оваа есен можете да се обидете со кадифено одело во синергија со вратоврска и предимензионирана бела кошула.
Кожните парчиња за вечерно излегување се задолжителни
Кожните парчиња се незаменлив дел од гламурозните тоалети оваа есен. Особено е популарно да се комбинира кожа со кожа и на тој начин да се создаде комбинација во која ќе бидете забележани. Па така, долгиот кожен фустан кој ја следи линијата на телото е женствено парче кое можете да го носите во секое време. За вечерна комбинација ви предлагаме високи чизми со високи потпетици кои ќе дадат посебна доза на сензуалност. Со оглед на тоа дека се работи за впечатлива комбинација, за финален допир предлагаме едноставна црна чанта.
Црното и бежот се дбеспртна добитна комбинација
Класичните парчиња во неутрални бои се неопходни во моменти кога ви е потребно брзо и лесно комбинирање. Иако оваа сезона акцентот е ставен на боите и дезените, минимализмот никогаш не излегува од мода. Рафинирана комбинација со беж здолниште и црна ролка, е совршен изглед за љубителите на класични комбинации со урбан шмек. Црните очила за сонце се моден детал кој ја заокружи целата приказна на вистински начин.
Тренди урбана комбинација со портокалови детали
Доколку сте во потрага по енергична комбинација за впечатлив урбан стил, тогаш искомбинирајте ѕвонести фармерки со живописен плетен џемпер и елек во силна портокалова боја, Последниот шмек ќе го даде предимензионираниот капут кој спонтано ќе го префрлите преку целата комбинација.