Fashionel ги селектира најдобрите изгледи од модните недели

19 септември 2014

Резимето во однос на сите сегменти што го сочинуваат едно модно шоу имавте прилика да го читате од засебните содржини на Fashionel  за времетраењето на најголемите модни случувања во метрополите Њујорк и Лондон. На почетокот од месец септември како ние така и сите вљубеници во модата, примивме модна инјекција од „Големото Јаболко“  на која не станавме имуни на силните импресии и воодушевувања,  предизвикани од одличните дизајнерски идеи на повеќе и помалку звучните имиња. Генерално земено Њујорк понуди колекции кои се движеа во границите на спортската-елеганција, но меѓу нив  присутна беше и благата  застапеност на  свечените  и луксузни колекции сочинети од  воздушестите и лелеави креации што очекувано го следеа сензибилитетот на одредени дизајнери .

Њујорк: Hugo Boss- Marissa Webb- Rag&Bone- Jason Wu Њујорк: Hugo Boss- Marissa Webb- Rag&Bone- Jason Wu

Главната слика ја создадоа едноставните креации, смирените кроеви од минималистичките изгледи, како и  лесните- транспарентни текстури, што  на некој начин поставија конкретен моден диктат за следната топла сезона од 2015-та година. За разлика од њујоршката модна недела, лондонската понуди презентации на нè толку познати брендови и дизајнери, но сепак инспирацијата и тенденциите меѓу двете модни недели беше поврзана  со слични трендови. Заклучокот  е јасен дека следната сезона во никој случај нема да ја карактеризираат нападните изгледи, флуросцентните бои и парчињата што откриваат повеќе од потребно.

Лондон: Georgia Hardine- Julien Macdonald- Marchesa- Temperly London Лондон: Georgia Hardine- Julien Macdonald- Marchesa- Temperly London

За вашата перцепција да биде уште појасна,  се потрудивме да ги издвоиме најдобрите парчиња од њујоршките и лондонските писти како и дел од креациите прикажани на тековната модна недела во Милано. Веруваме дека нема да можете да  им одолеете на креациите, затоа заземете удобна позиција и почнете со разгледување на обемната галерија што ја создадовме водени по тоа да бидат задоволени сите вкусови. 

Објавено:
19 септември 2014
Категорија: 
Тренд