Фиби Буфе е потценета модна инспирација: Комбинации што би ги носеле и денес

30 јули 2020

Можеби Рејчл Грин беше омилената „Пријателка" од серијата. Таа имаше секси стил кој девојките често сакаа да го копираат.

Нејзината степенеста, а потоа и рамно шишана коса беше апсолутен тренд.

Но, ако сакате модни игри и несекојдневна модна инспирација, може да се рече дека стилот што во серијата го имаше Фиби Буфе е далеку поинтересен.

Таа е потценета модна инспирација, бидејќи нејзините стајлинзи често беа слоевити, а естетиката, од денешна перспектива може да се нарече бохо-еклектична.

И кога сме веќе кај фризурите, Фиби убедливо ги имаше најголемите трансформации кога е косата во прашање и најчесто го менуваше изгледот.

Низ социјалните мрежи најдовме на девојка која инспирацијата ја пронашла токму во стилот на Фиби и успешно го интегрира во денешницата:

И да, секој од овие стајлинзи може да го пронајдете и меѓу актуелните трендови.

Макси цветно здолниште + кошула на врзување? Може! Уште со почетокот на годината, врзување на кошулите се појави како тенденција, а здолништата веќе неколку сезони се „must-have“ парче.

Фустан на копчиња, хеланки со впечатлив принт и широка блуза, или пак фустан со тексасно елече со волуменозни ракави, сето тоа се парчиња што лесно можете да ги вклопиме во гардероберот.

Фиби често носеше и макси цветни фустани, кои се идеално парче за овој летен период. Елече со реси, беше вистински хит сезони наназад на летните фестивали, а веројатно ќе беше и оваа, да не се случеше пандемијата и да не се откажаа музичките настани.

Едноставни широки парчиња украсени со впечатливи детали на кои можеби никогаш не би се сетиле, не' потсетуваат на тоа да бидеме модно похрабри.

Кошули со тантелна крагна? Да и тоа е сегашен тренд кој Фиби го носеше, исто како и металик мантилите, кои „Барбери“ ги популаризираа повторно.

Но, зад тие широки кроеви, и Фиби знаеше да го истакне сексапилот. Црн фустан со длабоко деколте и впечатлив ѓердан е комбинација по која би посегнале и две децении подоцна.

А кога се фризурите во прашање, Фиби како да беше предвесник на трендовите што следат, како преглед на она што години потоа се носи или повторно се враќа во мода.

Брановидна и волуменозна коса, степенеста фризура, рамна коса, рамна коса со шишки, како и пунџи со украсни шноли - се' тоа беше дел од имиџот на Фиби.

Сепак, вртејќи ги старите епизоди и фотографии, може да се рече дека една од омилените нејзини фризури се оние што вклучуваат марама или лента за коса, исклучително популарни и денес.

Ако немате идеја за промена, можеби ќе ја најдете токму во стилот на овој лик од омилената серија на многумина.

 

 

Објавено:
30 јули 2020
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
458 пати
Тагови: 
Фиби