Радикално спротивни, од девојчешки до готик изглед, трендовите што се прогнозираат за претстојната сезона есен-зима 2015 се разновидни.
Мрачни бои преовладуваат во колекциите на Александар Ванг, Живанши, Рик Овенс и Александар Меквин кои го застапуваат ГОТИК стилот за претсотјната есен-зима. Со екстравагантен накит и темна шминка, овој тренд ќе биде еден од најактуелните.
БОХО стилот кој е вообичаен за летните денови, продолжува во зимска варијанта. Голем дел од светските дизајнери во своите зимски колекции вметнаа бохо парчиња, како макси флорални фустани, ткаени пончоа и палта, крзнени детали, реси и широки кошули. Ланван, Клое, Барбери, Изабел Марант и Ралф Лорен се само дел од дизајнерите кои преку својата облека упатија „peace and love" порака.
Наспроти класичната загасита зимска палета, голем дел од дизајнерите се одлучија за шеќерни бои во нивните зимски едиции. Така создадоа ДЕВОЈЧЕШКИ комбинации базирани претежно на нежно розова, небесна сина или изразито жолта боја. Прада, Долче и Габана, Ердем, Џереми Скот се одлучија за една таква девојчешка приказна за претстојната сезона.
Црно-белите графички принтови се дефинираа како задолжителна класика за секоја сезона. Двобојните комбинации се омилени кај Валентино, Сен Лоран и Емилио Пучи.
Навраќањето во децениите од минатиот век и осовременувањето на тогашните трендови е неизбежна пракса за дизајнерите секоја сезона. Оваа пак, повторно ќе се актуелизираат 80-тите со комбинација на многу бои, слоевита облека и „нелогични" спарувања на парчиња облека. Москино и J.W Anderson експериментираа со комбинацијата на материјали, форми и бои.
ФОЛКЛОРЕН ПАЧВОРК е интересна техника што дизајнерите се почесто ја експонираат. Изгледа впечатливо и богато, а истовремено дефинира и уникатен и неповторлив изглед. Барбери, Етро и Клое фолклорниот пачворк го пакуваа во луксузен дизајн.